Дискриминација при вработување поради возраста – Еве како и што треба за да се докаже
Над 15,000 од невработените, според податоците на Агенцијата за вработување, се лица над 50 години. Со тоа, оваа категорија на луѓе бележи најголема невработеност во државата.
Неодамна, до редакцијата на порталот Работник се обрати една 58 годишна жена, за чиј случај веќе пишувавме, која ни рече дека аплицирала на многу огласи, но дека никој не бил заинтересиран да ја земе предвид, како што рече, поради нејзината возраст.
Ова нѐ мотивираше да навлеземе малку подетално во темата и да ја разгледаме појавата наречена ејџизам, која претставува дискриминација на луѓето поради нивната возраст.
За да добиеме повеќе информации, се обративме до Македонското здружение на млади правници.
Започнавме од прашањето дали досега до нив стигнале поплаки од постари луѓе кои се почувствувале дискриминирани при вработување поради возраста.
Од таму ни одговорија дека досега нема стигнато поплака за ваков вид на дискриминација, но дека оваа појава се споменува.
На работилниците и советувањата за правно зајакнување на граѓаните кои ги организира здружението, често се спомнува, како општа појава, дискриминацијата, односно невработувањето на граѓани поради нивната возраст. Информациите кои граѓаните ги кажуваат на ваквите настани до нив се дојдени од други луѓе или претставуваат општ впечаток за ситуацијата во државата во поглед на правата од работен однос, рекоа од МЗМП.
Клучното прашање кое се подразбираше да се постави беше како може да се докаже ваквиот вид на дискриминација. Од МЗМП ни објаснија дека истата се докажува како и другите облици на дискриминација.
Граѓаните кои се почувствувале дискриминирани поради нивната возраст не мора да докажат дека се случило понеповолно постапување, туку треба да дадат доволно податоци и докази кои укажуваат дека основано може да се постави прашањето дали во конкретниот случај има понеповолно постапување, истакнаа од Здружението.
Законот за спречување и заштита од дискриминација вели дека граѓаните кои се дискриминирани, „се должни да ги изнесат сите факти што го прават тврдењето веројатно… доколку се утврди дека тврдењето е веројатно, тогаш товарот на докажување преминува на лицето против кое е поднесена претставката.“
Од МЗМП советуваат дека за да докаже дискриминацијата, би требало се да прибираат факти, информации и докази кои би укажале на тоа дека веројатно е сторена дискриминација.
Тоа може да бидат статистички информации за возрасната структура на работниците во конкретната фирма, возрасната структура на лицата кои се вработуваат, записници од спроведени интервјуа кои евентуално би можеле да покажат дали избраните кандидати биле објективно поквалитетни, дали во огласот за вработување е наведена максимална возрасна граница на кандидатите (доколку таквата возрасна граница објективно може да се оправда) и сл., велат од МЗМП.
Според нив, она што може, а и треба да го направат оние кои се соочуваат со прекршување на нивните права е тоа да го пријават во надлежните институции. Кога станува збор за дискриминација во областа на работните односи, повредите на одредбите од Законот за работните односи и Законот за спречување и заштита од дискриминација, треба да се пријават во Државниот инспекторат за труд и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Постапката пред двете институции е бесплатна, едноставна и започнува со поднесување на претставка која може да се достави и електронски. Доколку дискриминацијата е сторена за вработување во државни органи, како механизам за заштита на располагање стои и Народниот правобранител, наведоа од Здружението.
Доколку овие органи утврдат дека постои дискриминација, не се исклучува можноста да се поведе и судска постапка.
Сите оние кои се жртви на дискриминација, имаат право на бесплатна правна помош, велат од МЗМП, додавајќи дека може да се обратат до нив или до било која организација која е регистрирана да обезбеди примарна правна помош. На овој начин може да се провери и дали ги исполнуваат законски предвидените услови за обезбедување на секундарна правна помош (бесплатен адвокат).