ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Длабок јаз во стандардот – Полошкиот регион “најсиромашен“, во Скопскиот регион највисоки плати!

Длабок јаз во стандардот - Работник
44views

Најдлабока невработеност има во Североисточниот регион, најниска просечна плата во Полошкиот регион. Најновото истражување на Заводот за статистика ја потврдува реалноста на длабок јаз во стандардот на граѓаните од осумте плански региони во земјава, пишува “Порталб”. Разликата во просечната плата од еден до друг регион се движи и до 10 000 денари на месечно ниво.

Разлики во БДП по жител и до 5 000 евра ..

Само 2 420 евра изнесува БДП по глава на жител во Полошкиот регион што е 46,7% од БДП по глава на жител во државата. Ова укажува дека граѓаните од поголемите општини Тетово и Гостивар и тие што гравитираат во овој дел како Јегуновце, Желино, Маврово и Ростуше, Теарце и други имаа најнизок стандард во однос на нивните сограѓани во останатите седум плански региони.  Освен во Полошкиот регион –  под просекот на државниот БДП по глава на жител е БДП и во други три региони, во Југозападен регион, Источен регион и Североисточен регион.

 “Во споредба со просекот, поголем бруто-домашен производ по жител имаат Скопскиот Регион со индекс 142.0, Југоисточниот Регион со индекс 112.2 , Вардарскиот Регион со индекс 104.6 и Пелагонискиот Регион со индекс 101.7. сите други региони имаат бруто-домашен производ под просекот на Република Северна Македонија. Во однос на националниот просек, најмал бруто-домашен производ по жител има Полошкиот Регион со индекс 46.7″ – се нотира во новото објавено истражување на Заводот за статистика.

Споредбената анализа што ја направи “Порталб” врз основа на објавените податоци покажува огромна разлика во БДП по глава на жител меѓу најсиромашниот и најбогатитот регион – БДП по глава на жител во Полошкиот регион е за скоро 5000 евра помал во однос на БДП по глава на жител во Скопскиот регион.

Уште еден показател за длабоките разлики во станадрот на граѓаните се и платите. Фрапантен е податокот дека само во Скопскиот регион просечната нето плата е над просекот во земјава. Конкретно, највисока нето-просечна плата има во Скопскиот регион, на ниво од 28 872 денари, а најниска во Североисточниот регион каде изнесувала 19 761 денар – или разликата изнесува скоро 150 евра.

                               Нето-месечна плата по вработен

Скопски регион                                 28 872 денари

Пелагониски регион                         23 675 денари

Полошки регион                                23 528 денари

Југозападен регион                           22 298 денари

Вардарски регион                              21 052 денари

Источен регион                                   20 617 денари

Југоисточен регион                             20 358 денари

Североисточен регион                      19 761 денари

Нето просечната плата на ниво на државата  лани била 25 213 денари и во сите седум региони, освен Скопскиот, просечната плата е пониска од републичкиот просек.

Поголема стапка на  невработени – поголем број на корисници на социјална помош…

И невработеноста е со различен интензитет во различни региони. Кратово, Крива Паланка, Куманово, Липково, Рановце и Старо Нагоричане го сочинуваат Североисточниот регион кои е на врвот според невработеноста, со стапка од 33%. Зад него со 28,5% невработеност е Полошкиот регион, следува Југозападниот регион со 24,4%, Скопскиот регион со 14,7%, Пелагонискиот регион со невработеност од 13,1%, Вардарскиот 10,8%, Источниот регион со 7,8% а најниска стапка на невработеност има Југоисточниот регион со 6,3%.  Три региони пак имаат стапка на вработеност повисока од просекот во државата.

“Стапката на вработеност во Вардарскиот, Источниот, Југоисточниот и во Пелагонискиот Регион во 2019 година се движи над вкупната стапка на национално ниво, при што највисока стапка на вработеност бележи Југоисточниот Регион, и тоа 63.3%. Најниска стапка на вработеност во 2019 година има Североисточниот Регион” – се наведува во истражувањето.

Североисточниот регион кој е рангиран на прво место според стапката на невработеност и според најниска просечна нето плата – се наоѓа и на прво место според бројот на корисници на социјална парична помош од државата. Конкретно на 1 000 жители дури 30,1 е корисник на социјална помош, далеку повеќе од просекот во државата кој изнесува на 1000 население – 14,1 корисник на помош. Веднаш зад овој регион е Пелагонскиот регион со 16,5 корисници на 1000 жители по што следува најсиромашнит регион според БДП по глава на жител – Полошкиот со 15,7 корисници/домаќинства на 1 000 население.

Со цел да се ублажат овие големи разлики во економскиот “живот” на општините со години се спроведуваат проекти во координација на локлната со централната власт преку Центрите за рамномерен регионален развој. “Порталб” во неколку наврати анализираше кои проекти, финанасирани главно со пари на граѓаните и со грантови останаа само ветување, како и за транспарентноста и отчетноста на Центрите за развој на планските региони за тоа што и колку е сработено.