Светот на работникот

Добриот работник вреди многу повеќе отколку што замислувате

Добриот работник вреди - Работник
200views

Еден од најголемите проблеми со кои се соочува секој бизнис е неможноста да се задржат добрите работници на подолг рок.

Најновите истражувања покажуваат дека дури 20 проценти од работниците кои даваат отказ одлуката за тоа ја донесуваат во првите 45 дена од нивното вработување, а како најчести причини за тоа се: лош менаџер, микроменаџирање, токсична работна околина и лошо искуство.

Одредени компании кои се длабоко уверени дека никој не е незаменлив за големината на овој проблем дознаваат кога ќе се судрат со реалните трошоци кои се прават при потрагата по нов работник.

Па, кои се трошоците кои произлегуваат од загубата на добар работник?

Времето додека се најде замена

Вообичаено, потребни се од 8 до 12 недели само за да се најде соодветна замена и уште месец или два за новиот вработен да работи со полна продуктивност. Едно истражување на Deloitte покажува дека ако на една компанија во 2011 и биле потребни 48 дена за да пополни празно работно место, денес и се потребни 4 дена повеќе, односно 52 дена. Дополнително, истражувањето покажува дека процесот е значително подолг за повисоките позиции.

Времето да се обучи новиот работник

За да се воведе во работниот процес, новиот работник е потребно да се обучи, а обуката најчесто ја прават луѓе кои поседуваат најголеми знаења во организацијата. На овој начин, со намалувањето на продуктивноста на овие вработени се создаваат скриени трошоци кои може да достигнат до неколку стотици евра, а на новиот работник во просек му се потребни од 6 до 9 месеци за да почне да работи продуктивно и профитабилно.

Пад на продуктивноста и ангажманот

Доброволното заминување на добар работник има негативен импакт врз моралот, продуктивноста и приходот на целокупната компанија. Луѓето се демотивирани бидејќи изгубиле добар колега и нивниот ангажман и мотивација е природно да се намали. Сето тоа на долг рок може да доведе до пад на финансиските индикатори на компанијата.

Културолошкиот импакт

Од аспект на деловната култура, никогаш не треба да се потцени чувството кое преовладува помеѓу вработените во случај на висока стапка на откази. Покрај тоа што се намалува моралот, се поголем дел од вработените ќе почне да се запрашува дали навистина припаѓа во компанијата на долг рок.

Потенцијална загуба на клиенти

Односите со клиентите најчесто се градат на база на личното искуство. Доколку довербата и соработката помеѓу клиентот и вработениот е многу силна, голема е веројатноста покрај работникот, да го изгубите и клиентот. Ова може директно да влијае врз отпочнатите проекти, новите продукти и надворешниот имиџ на компанијата.

Како да ги задржите добрите вработени?

За да ги избегнете овие трошоци поработете на силна воведна програма која ќе овозможи секој нов вработен да биде добро пречекан и да оставите одличен прв впечаток. Менаџерите мора да преземаат одговорност и да бидат целосно вклучени во сите процеси. Дозволете им на вашите вработени целосно да се вклопат во деловната култура на компанијата, процесите и вредностите. Запомнете дека првите 6 месеци се најважни.

Извор: vrabotuvanje.mk