Колумни

Додека во ЕУ се намалува работното време, во Македонија сакаат да го зголемат

Додека во ЕУ се намалува - Работник
482views

Автор: Бобан Илијевски

Нели е срамота во време кога голем број на држави се стремат кон тоа да им ја олеснат работата на работниците, кај нас да им ја отежнуваат? Многу меѓународни анализи покажале дека работникот не е продуктивен осум часа, туку само половина од тоа работно време. За таа цел, светските и европските држави почнуваат да воведуваат реформи за намалување на работното време и воспоставување на подобар баланс помеѓу приватниот  и работниот живот. Според мое знаење, ние се стремиме кон тоа да се движиме кон европските тренодови и вредности… Доколку го правиме тоа, тогаш сме контрадикторни. Ем одиме кон Европската Унија, ем стагнираме. Не можам да разберам, а сакам, верувајте ми многу сакам, но некако се ми е комплицирано.

Текстилниот Кластерот излезе со барање да се зголеми работното време на текстилните работници/чки од осум на осум ипол часа, бидејќи само седум ипол часа биле ефективни, а половина час имале платена пауза. Епа, што сега? Значи според ова, работниците не треба воопшто ни да јадат леб, ни да одморат (бидејќи голем дел од нив работат работа која бара прецизност и фокус), што значи испаѓа дека овие работници/чки треба да бидат нечии робови. Паузата треба да им се плати, тие го заслужуваат тоа, а една од причините за тоа е што им помагаат на газдите да го остварат протфитот. Мислам дека нема потреба од понатамошни дискусии. Газди, со ваквите барања не чекорите кон европската иднина, туку се враќате во времето на египетските фараони. Јас многу добро разбирам дека и вие имате тежина, дека е тешко да се води бизнис во оваа држава, но вашиот предлог не е про- европски, а за да нашата држава може да се интегрира во ЕУ, јас мислам дека сите треба да ги присвоиме европските вредности, без разлика на тоа дали се работи за приватен сектор или за јавен сектор. Дури од Кластерот побараа и да се укинат и празниците, без да го земат во предвид тоа што текстилните работници/чки работат во саботите, а некаде и во неделите, но за тие денови не се платени, а според Законот за работни односи предвидени часови за работа се 40, што значи пет дена по осум часа, додека плус работните часови треба соодветно да се доплатат. Тука не можам, а да не ги споменам и оние коишто работат почитувајќи ги работничките права, одредбите од договорите за вработување, колективните договори и од законите. И такви компании се во голем број.

Пример за компанија која ги почитува обврските во делот на платите е Леар Корпорација каде што на работници плус им се плаќа доколку останат повеќе на работа. Доколку останат по работното време од 8 часа им се плаќа 135 % на дневницата за тие часови што работеле. За работа во трета смена им се плаќа 35%, а за прекувремена работа им се плаќа 175 % на дневницата. Ова покажува дека постојат фабрики каде што се почитуваат работничките права, но повеќето од нив се во странска сопственост. Кога се работи за паузата, во оваа фабрика имаат 30 минути пауза и готвено јадење кое е на трошок на компанијата.

Да потсетам дека за време на индустриската револуција со низа на штрајкови работниците се избориле за осум часовно работно време, а ова барање на Кластерот значи губење на тоа историски стекнато право. Исто така, работното време е утврдено и со стандардите за работно време на Меѓународната Организација на трудот – МОТ. Според ова можеме да заклучиме и дека непочитувањето на стандардите на толку етаблирана организација не одалечува од европскиот пат.

Ставовите изразени во колумната во ниеден случај не ги одразуваат официјалните ставови на Порталот Работник