Додека „Мета“ и „Твитер“ отпуштаат работници, „Тик-ток“ продолжува да вработува

Додека голем дел од силициумската долина се бори со замрзнување и намалување на вработувањата, барем една компанија за социјални медиуми планира да продолжи да вработува нови луѓе – „Tик-ток“.

Компанијата останува посветена на својата цел да ангажира речиси 1.000 инженери во своите канцеларии во Маунтин Вју, Калифорнија, изјави за Си-ен-ен лице запознаено со ситуацијата.

Извршниот директор на „Тик-ток“, Шо Чи Чу, потврди дека компанијата сè уште вработува нови луѓе говорејќи на Форумот за нова економија на „Блумберг“ во Сингапур, а отпуштањата во други слични компании, вклучувајќи ги „Мета“ и „Амазон“, беа тема.

„Отсекогаш сме биле многу внимателни кога се работи за вработување. Во оваа фаза од нашиот раст мислам дека ова темпо на вработување е соодветно за нас“, рече тој.

Во последните недели „Мета“ објави дека укинува 11.000 работни места во компанијата, „Твитер“ отпушти речиси половина од своите вработени под новиот сопственик Илон Маск, а и „Амазон“ потврди дека почнал со масовни отпуштања.

Сегашните и поранешните лидери на овие компании рекоа дека тие се прошириле премногу бргу, особено за време на пандемијата кога корисниците го преместиле поголемиот дел од својот живот на интернет.

Сега овие компании се соочуваат со опаѓање на побарувачката и илјадници кратења на работните места бидејќи економијата се влошува и се зголемува стравот од рецесија.