До идната Влада: Престанете да ги ставате работниците во ситуација да се борат за основните работнички права
По повод 1-ви мај – Меѓународниот ден на трудот, работниците, секој на свој начин, ќе го искажат својот револт против лошите политики и прекршувањата на работничките права. Синдикатите, како нивни предводници, дел ќе протестираат, а дел ќе бараат од политичките партии да ги исполнат своите ветувања во изборните програми.
По некаква коинциденција, овој свет празник за работниците се паѓа на неколку дена пред вториот круг на претседателските избори и редовните парламентарни избори, па со тоа и работниците се во ситуација да ги истакнат своите барања пред оние политички партии кои би ја предводеле идната Влада.
Сите политички партии, помалку или повеќе, во своите програми имаат заложби кои директно или индиректно ги засегаат работниците. Некои ветуваат 1,100 евра просечна плата и 600 евра минимална, други ветуваат отворање на нови 50,000 работни места, трети велат минималната плата да изнесува 2/3 од синдикалната потрошувачка кошничка која изнесува 1,000 евра. Дел од нив нудат и мерки кои би ја стимулирале продуктивноста на работниците и со тоа раст на платите, а некои имаат и подетални програми за тоа што би направиле во различни сегменти од трудот.
Сѐ е тоа во ред, но истите тие ветувања треба да се остварат. А, искуствата од минатото велат дека партиите не се држат до своите ветувања. Да се надеваме дека тоа ќе се смени, бидејќи ако не се случи тоа, одливот на работна сила во високоразвиените земји ќе се зголеми уште повеќе и Македонија ќе стане земја на пензионери и партиски војници. Дури и оние чесни и работливи луѓе во јавниот сектор ќе си заминат.
Како човек кој е директно вклучен во следењето на процесите во сферата на работните односи, им порачувам на политичките партии кои ќе дојдат на власт да не дозволат работниците повеќе да се борат за основните работнички права, туку да работат на унапредување и модернизирање на работните односи.