МакедонијаНовостиПравдаСветот на работникотСиндикат

Државата должи 1,2 милион евра за ДДВ на „Еуроникел“, Синдикатот ги бара за плати на 800 вработени

   Време за читање 3 минути

Само за август Управата за јавни приходи должи 1,2 милион евра за поврат на ДДВ на кавадаречката фабрика „Еуроникел индустри“ чии 800 вработени се уште немаат земено плата за октомври и покрај тоа што денес истекува законскиот рок за исплата. Миле Ѓорѓиев, претседател на Синдикатот на „Еуроникел“ вели дека државата доцни речиси еден месец со исплатата во услови кога се заканува целосно гасење на печката која сега работи само на одржлив минимум.

„Доколку сака државата може многу да помогне за 800 вработени да не останат на улица и наеднаш 800 семејства да не станат социјални случаи. Во овој момент нема друг начин да се исплатат платите. Директорот Димитриос Пасхос побарал од банката повеќе да не се прават плаќања оти се откажува од фирмата. Бев на средба со Хари Костов и наидов на разбирање, рече дека е подготвен да овозможи исплата на платите доколку државата го исплати ДДВ. Се работи за поврат на ДДВ за месец август во износ од 1,2 милион евра, а нашите плати заедно со придонесите се 580.000 евра. Овие пари УЈП требаше да ни ги исплати заклучно со 19 октомври, немаме објаснување зошто се доцни. Бевме и на средба со вицепремиерот Фатмир Битиќи, му објаснивме дека Владата, доколку сака, може да ни помогне да исплатиме плати, а што е уште поважно со тие пари ќе обезбедиме и струја, оти снабдувачот ЕДС вечерва на полноќ ќе ни ја изгаси и струјата, го раскинува договорот. Ако се изгаси печката се запечатува судбината на фабриката оти за повторно нејзино ставање во употреба е долг и скап процес“, вели претседателот на Синдикатот Ѓорѓиев.

За преземање на фабриката, според вработените, има најмалку двајца заинтересирани. Едниот е подготвен да ги задржи вработените, а другиот поставил услов фабриката да оди во стечај па потоа да ја преземе.

„Немаме официјална потврда, но до нас допре информацијата дека еден од поранешните директори, Константинос Даскалакис сака да ја преземе. И за тоа разговарав со банката, Костов нема против преземањето доколку се обезбедат сите согласности и доколку новиот сопственик исплати се она што треба да го плати. Синдикатот ја поддржува оваа опција. Не ни е битно името на новиот сопственик, битно е фабриката да работи и сите вработени да останат на работа, да нема стечај“, вели Ѓорѓиев.

Тој денес испрати уште едно писмо со апел до Владата да се исплати ДДВ. Пари кои ќе помогнат за плати на вработените додека не се донесе одлука за евентуален нов сопственик. Помош на вработените вчера им вети и премиерот Димитар Ковачевски, онолку колку што може Владата да помогне во приватна компанија, но се уште нема конкретни чекори иако долгот на државата може да ги покрие платите на вработените.

„Макфакс“ испрати официјални прашања за исплата на ДДВ на „Еуроникел“ до Управата за јавни приходи. Од таму најавија одговори откако ќе направат дополнителни проверки за даночниот обврзник.

Раководството на „Еуроникел индустри“ со недели не одговора на прашањата од „Макфакс“ за состојбите во фабриката и неизвесноста за вработените кои, пак, повторно најавуваат протести и блокирање улици доколку не се најде решение, а подготвуваат и кривична пријава за измама за актуелното раководство.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *