ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Дуалното образование е решението за оспособување на стручни кадри, велат од Стопанската Комора

Дуалното образование - Работник
320views

Бобан Илијевски

За оспособување на стручен кадар во индустријата решението го гледаме во дуалното образование, велат од Стопанската Комора на Македонија за Порталот Работник. 

За Стопанската комора на Македонија значајно е нејзините членки да поседуваат адекватен стручен кадар кој влијае на продуктивноста на компаниите и квалитетот на производите и решението го гледа во дуалниот систем на образование, велат од Комората.

Според нив тоа значи, образовните програми за стекнување квалификации во средно стручно образование и обука ќе се изработуваат според потребите на стопанството и што е значајно, се реализираат во две различни средини: во училиштето, во кое ги стекнуваат теоретските знаења и вештини, и во реални работни услови кај работодавачот, каде се применува стекнатото теоретско знаење и се оспособуваат со стручно знаење, практични вештини и компетенции.

„Има примери на училишта, во кои, учениците можат да ги стекнат практичните вештини во реалните компании или лаборатории во самите училишта, но сепак учењето во реална работна средина овозможува запознавање со организацијата и работните услови на компаниите, но и стекнување на меките вештини како: комуникација со работодавач, решавање на проблеми, тимска работа, одговорност и посветеност и сл.“, велат од Стопанската Комора на Македонија.

Тие потенцираат дека мора да се има на ум, дека сите мора одговорно да учествуваат во целиот процес доколу се сака да се постигне успех, а не импровизација на процесот.

На прашањето за тоа кон кои сектори треба најмногу да се насочи образованието, односно каде најмногу недостасуваат стручни кадри, од Комората велат дека според нивните анализи образованието треба да оспособува кадри за квалификации од секторот машинство: бравари, заварувачи, металостругари и металоглодачи, оператори со ЦНЦ машини и сл, во сектор електротехника: електричари, електромонтери, електротехничари, компјутерски техничари, програмери електромеханичари, во секторот земјоделие, градежништво, посебно градежни техничари и секторот угостителство и туризам, значајни за економијата за нашата земја, но и за оние сектори кои се извозно ориентирани.

Прашани за тоа колкаво е нивното учество во креирањето на ваквата образовна политика, од Стопанската Комора на Македонија истакнаа дека еден од столбовите на работењето на Стопанската комора на Македонија е образованието, со фокус на дуалниот систем на образование. Во таа насока Комората организира промотивни настани за дуалното образование како работилници, трибини, панел дискусии, тркалезни маси, пресови, презентации пред здруженијата и учество во радио и ТВ емисии;

–     дава забелешки по однос на законската регулатива која го покрива стручното образование и обука и  конципира предлог измени и покренува иницијативи кои би требало да се спроведат во насока на нормирање на дуалното образование;

–     врши верификација за проверка на исполнетоста на условите за реализација на практичната обука на учениците во компаниите и води Регистар на верифицирани компании во кои учениците реализираат практична обука, каде е;

–     води Регистер за ученици што склучиле договори за практична обука со училиштетото и компанијата;

–     реализира обуки за ментори во компании во кои учениците реализираат практична обука. Менторите во компанијата кои поминале обука за ментори добиваат сертификат потпишан од Стопанската комора на Р.Македонија и од Центарот за стручно образование и обука (но сепак сеуште има појава компаниите да назначуваат лице од вработените како ментор без помината обука за ментори да ги придружува учениците);

–     учествува во изработка на стандарди на занимања, стандарди на квалификации и новите наставни програми  преку претставници од компаниите делегирани од Комората;

–     учествува во работни тела, совети за стручно образование и обука;

–     поттикнува соработка и вмрежување на училишта и компании за реализација на практичната обука;

Од Комората посочуваат дека треба да се знае дека дуалното образование не може да се примени во сите стручни училишта од неколку причини:

  1. Дуалното образование значи учениците еден дел од наставата да ја поминат кај работодавач, во идеални услови, тоа би било 2 дена во училиште, а 3 дена кај работодавач. Компаниите во нашата држава се претежно мали и средни компании и немаат таква моќ да ги апсорбираат сите ученици од паралелката каде се изведува дуалното образование.
  2. Имаме градови каде има стручни училишта, но на таа територија нема компании каде учениците би изведувале практична обука кај работодавач, што би претставувало само импровизација на процесот.

Од Комората додаваат дека дуалниот систем на образование треба да се примени само во оние стручни училишта каде тоа го бараат компаниите кои гравитираат на таа територија и да се изработуваат наставни програми согласно потребите и спецификите на компанијата.