- Advertisement -
НовостиСветСветот на работникотСиндикат

Еден од магацините на Амазон се затвора поради ширење на вирусот помеѓу вработените

142views

„Амазон“ објави дека ќе го затвори магацинот во Њу Џерси на една недела поради зголемувањето на бројот на вработените кои се заразени со вирусот Ковид-19.

„Преку интерна програма за тестирање на Ковид-19 откривме зголемување на бројот на асимптоматските случаи на инфекцијата во нашиот објект ПНЕ5 во северниот дел на Њу Џерси. Сакавме да бидеме крајно претпазливи, па затоа го затворивме објектот до 26 декември“, соопштено е вчера од компанијата.

Не е наведено колкав е бројот на вработени кои се позитивни на вирусот, но само беше споменато дека работниците ќе добијат надомест за периодот во кој ќе мора да останат дома поради затворањето.

Во октомври, најголемата светска онлајн платформа за малопродажба објави дека повеќе од 19 000 нивни работници во САД се заразени со коронавирус, или 1,44 проценти од вработените.

Работници, политичари и синдикати, во последните месеци, постојано ја обвинуваат компанијата дека го загрозува здравјето на своите вработени, оддржувајќи ги магацините отворени за време на пандемијата.

Како одговор на тоа компанијата тогаш најави дека ќе го прошири тестирањето како дел од внатрешната програма со можност дневно да се тестираат до 50.000 работници.

„Амазон“ вчера изјави дека затворањето на магацинот во Њу Џерси нема да влијае на нивниот бизнис или испораките.