Колумни

Економијата во ек на корона кризата и концептот на неолиберализам

   Време за читање 6 минути

Автор: Симона Ковачевска 

Соочувани со големи рецесии, нафтени шокови и банкарски кризи во минатото, на никого не му текна дека може да застанеме на прагот на нова потенцијална економска рецесија предизвикана од вирус.

Може да се каже дека ковид-19 вирусот не затече неспремни и релаксирани кога е во прашање економската сцена. На почетокот тоа беше само една кратка хорор приказна во Кина, кои сите воздржано ја следевме, но откако бранот почна да ја обзема Европа, полека не удри и бран на општа паника, страв и параноја. Бевме сведоци на неодговорни постапки од индивидуи за непочитување на препораките кои требаше иницијално да не заштитат и на неконтролирано купување на одредени добра кои предизвикаа шок од страната на побарувачката. Исто така бевме сведоци и на големи бранови на отпуштања од работа, што драстично ќе влијае врз пазарот на труд. Ова укажува на моменти на нерационални движења кои ќе направат потреси на многу сфери.

Прашањето кое сега следува е: што треба да прават државите во однос на економијата? Првата опција енеолиберална, каде државата како институција ќе ја остави економијата да се води слободно, минимизирајќи ја својата улога. Според втората опција, која повеќе наликува на кејнзијанската економска теорија, државата треба да се вклучи во економските процеси за да се избегнат поголеми неповолни економски движења.

Одговорот најверојатно лежи некаде измеѓу. Според една анализа направена од PwC, финансиските лидери во оваа ситуација најмногу стравуваат од три последици: потенцијална глобална рецесија, намалување на потрошувачката и финансиско влијание кое вклучува ефекти врз ликвидноста, капиталот и финансиските резултати.

Како и да е, тие сепак не се потпираат само на мерки од државата. Веќе почнуваат да размислуваат локално, во своите компании.Преземаат мерки кои би помогнале за ублажување на ефектите од кризата, како намалување на трошоците, намалување на планираните инвестиции, промена на финансиските планови намалување на платите наместо отпуштања.

Од друга страна, државите почнуваат да даваат препораки банките да ги одложат ратите за кредит, да даваат бескаматни кредити за компаниите, даночните власти да ги одложат периодите за наплата на даночните обврски, компаниите да се воздржат од отпуштање итн.. Исто така и самите држави преземаат определени активности како вбрзигување определени суми во економијата за зголемување на ликвидноста, финансиска помош или покривање на дел од платите на фирмите кои се најмногу погодени од кризата.

Под претпоставка дека државата би оставила моменталните процеси во економијата да се одвиваат без нејзина интервенција, најверојатно сликата би била многу тажна. Големите компании ќе претрпат големи загуби, малите и средните евентуално би пропаднале, со тоа голем број на работни места ќе се затворат,  побарувачката на светско ниво драстично ќе се намали бидејќи луѓето се воздржуваат од купување, со тоа ќе се намали и извозот во многу држави. Несомнено е дека во период на криза сите овие сценарија не можат комплетно да се избегнат, но можат да се ублажат.

Ако ја разгледуваме Македонија, веднаш ќе не опфатат општата паника и нерационалното однесување. Едни неодговорно пиеја кафе и го зголемуваа ризикот од ширење на зараза, други се затворија, едни панично купуваа што ќе им се најде при рака, правејќи залихи кои најверојатно ќе им траат долго откако кризата ќе заврши, другисе воздржуваат од вообичаена потрошувачка. Додека некои фирми се понудија за намалување на цени на определени производи или бесплатно ги нудат за ранливи категории, други вртоглаво ги кренаа цените, или како последица на зголемената побарувачка, или како желба за инстант профитерство.

На страна од ваквиот хаотичен тек на настаните, Македонија се соочува и со друг проблем. За разлика од кризата 2007/2008 која ја почувствувавме амортизирано, поради помалата интегрираност во светската економија, во овој случај, тоа може да не биде така. Намалената ликвидност, намалената потрошувачка и ситуацијата на пазарот на труд, не е само на светско ниво, туку се случува и интерно во самата држава и може да ни зададе голема шлаканица.

Македонија е увозно зависна држава ипокривањето на трговскиот дефицит најмногу го покрива преку извозот кој е важна категорија во платниот биланс. Намалувањето на побарувачката може да го намали извозот. Дополнително, во изминатите години просечно 40% од извозот и 60% од увозот се одвивале преку мали и средни фирми, што значи нивниот опстанок е многу важен, а тие се значително ранливи во вакви ситуации. Зголемените отпуштања ќе го намалат потрошувачкиот капацитет и повторно ќе влијаат на побарувачката. Справувањето со овие примарни ситуации без интервенција може да биде тешкот.е невозможно.

За време на кризата 2007/2008 година видовме како неокејнзијанизмот извојува една важна битка против неолиберализмот. Намалувањето на рецесивните движења и подобрувањето на макроекономските случувања беа на сметка на стимулации кои беа вештачки креирани во економскиот процес. Пример за тоа се зголемените јавни инвестиции, зголемување на дефицитите поради зголемување на инфраструктури проекти, инјектирање капитал, намалување на каматни стапки, нестандардни банкарски мерки, и уште многу финансиски аранжмани.

Тоа значи дека, иако се актуализира неолиберализмот, слободата инамалување на мешањето на државата во економските процеси, сепак во услови на криза и вонредна ситуација, неокејнзијанската теорија настапува на сцена. Се што треба да направиме сега како индивидуи е да бидеме одговорни,да се грижиме и за другите, да веруваме во улогата на државата и мерките кои ги имплементира, но и самостојно да превземаме акции кои ќе ја ублажат ситуацијата.

За почеток, останете дома, однесувајте се нормално и рационално, и намалете со купување на тоалетната хартија, сепак вирусот има импликации врз белите дробови.

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги одразува официјалните ставови на Порталот Работник