Светот на работникот

Ексклузивно: Последна станица судот во Стразбур, порачаа поранешните вработени на Охис (Видео)

Последна станица судот во Стразбур - Работник
206views

Поранешните вработени во Охис денска повторно маршираа од Собранието до Владата на Р. Македонија. Тие веќе една година бараат да им бидат исплатени неисплатените 24 плати. Претставникот на поранешните вработени во Охис, Здравко Боневски вели дека имаат судски одлуки дека треба да им се исплатат заостанатите плати.

„Една година веќе одржуваме протести бидејќи бараме да ни се исплатат неисплатените 24 плати и наидовме на многу препреки каде што сакаат да ни исплатат само 10 или 20 посто, што значи, карикирам, доколку еден вработен во Охис бара 5000 евра ќе зема само 1000 евра или 500 евра, со што ние не се согласуваме, бидејќи имаме судски одлуки дека треба да ни се исплатат тие плати кога ќе биде Охис продаден. Сега Охис е продаден, а ние не ги добивме тие пари, добивме мала сума и не лажат дека ќе ни дадат повеќе, но тоа не се случува“, вели Боневски ексклузивно за Порталот Работник.

Истакна дека незадоволни почнале да ги бараат нивните права. Од Владата им рекле дека ќе им помогнат, но не добиле никаква помош. Потоа преку суд успеале да ја добијат документацијата за продажбата на Охис. Според него фабриката е продадена за катастрофално ниска цена. Со документите кои ги имаат се обидуваат да и докажат на Владата дека им следуваат неисплатените плати. Тој очекува дека целата ситуација ќе има позитивен исход за нив.

Драгослав Цветковски од Иницијативниот одбор на поранешните вработени во Охис, истакна дека тие се упорни и дека ќе одат до крај. Според него последна станица е Стразбур.

„Ние не бараме милост, туку ги бараме нашите заработени плати. Тоа се 8 плати од 2008 година и 16 плати од 2012 и 2013 година, односно вкупно 24 плати. Сумата која ја бараме како доверители е некаде околу 5,5 милиони евра. Досега ни имаат исплатено мала сума, јас ги нарекувам трошки, некаде околу 1,5 милиони евра, што значи дека бараме останатите околу 3 милиони евра да ги субвенционира Владата. Зошто бараме од Владата? Бидејќи таа, тие години што ги лоцираме, располагаше со доминантен општествен капитал. Затоа ние бараме да се изврши субвенционирање на остатокот од неисплатените плати“, рече Цветковски.

Додаде дека кога може за општини да се исплаќа огромна сума на пари, парите кои нив треба да им се исплатат се многу мала сума.

Драги Ѓоровски, член на Управниот одбор на поранешните вработени во Охис, вели дека последно бил вработен во Филком кој е погон во Охис каде што работеле инвалидизирани лица. Според него, државата е должна законски да им ги исплати заостанатите плати на тие луѓе, бидејќи тие не се во состојба да излезат со нив на протест. Во тој погон биле вработени 350 луѓе со инвалидитет од кои 15 проценти се со тешка инвалидност.

„Самата држава и стечајниот се правдаат дека напишале во службен весник дека Охис се продава и дека треба да се пријават. Тие луѓе се неподвижни, како ќе одат да се пријават… Тие луѓе се избришани од списоците. На една група им се исплаќаат парите, а на остатокот од нив не им се исплаќаат бидејќи не биле пријавен“ рече Ѓоровски.

Еден од поранешните вработени на Охис револтирано истакна дека за разлика од македонските институции кои не сакале да разговараат со нив, а кога отишле пред седиштето на Европска Унија во Скопје ги примиле.

Бобан Илијевски