- Advertisement -
ЕкономијаНовостиСветСветот на работникот

Експерти: Германија ја чекаат големи промени, стотици илјади работни места ќе исчезнат

Германија - Работник
803views

На прв поглед, на Германија и оди добро. Стапката на невработеност е речиси преполовена од реформите во 2005 година. Дури и гигантската криза како што е пандемијата на коронавирус, не ја промени значително земјата: стапката на невработеност се зголеми само малку – од 5,0 на 5,9 проценти, пишува Дојче веле.

Благодарение на владините мерки, како што се финансирање на скратеното работно време, повеќето луѓе успеаја да ги задржат своите работни места. Пандемијата исто така покажа дека работата од дома, или „домашна канцеларија“, функционира во Германија.

Меѓутоа, оваа земја се соочува со драматични промени за кои, според многу експерти, воопшто не е добро подготвена. „Во текот на 2020 -тите години, ќе доживееме неверојатна трансформација на германскиот пазар на труд“, вели федералниот министер за труд Хубертус Хајл (СПД).

А овие промени се диктирани првенствено од дигитализацијата и автоматизацијата, но и од голема промена во доминантните технологии, како што е проширувањето на електромобилноста.

Иднината на работата

Ефектите од овие промени значително се разликуваат од индустрија до индустрија. Хилмар Шнајдер, директор на Истражувачкиот институт за иднината на работата во Бон, сепак забележува голем тренд: “Во принцип, ерата на напорна физичка работа помина. Апсолвираме се повеќе и повеќе интелектуална работа или работа базирана на знаење”.

Едноставните активности, кои бараат пониско ниво на квалификација, се повеќе ќе се заменуваат со роботи или компјутери – или работниците ќе бидат слабо платени за нив. „Веќе отидовме релативно далеку по тој пат и постигнавме еден вид рамнотежа“, вели Шнајдер за ДВ. „Она што може да се автоматизира е веќе автоматизирано.

Многу машини и роботи веќе се користат во индустрискиот сектор. И во магацините на онлајн трговците, добар дел од работата беше преземена од машини. Има помалку луѓе што работат во нив отколку во стоковните куќи во центрите на германските градови, кои се затворија во последно време…

Во логистичкиот сектор, допрва претстојат големи трансформации: товарните камиони се уште управуваат со луѓе, и според експертите, прашање на време е кога ќе се укинат работните места – и камионите ќе започнат да возат автономно. Истото важи и за такси индустријата, односно давателите на услуги од тој сектор, како што е Uber.

Погодени и високо образованите

И социологот Роланд Вервибе е убеден дека многу работни места ќе исчезнат. Но, за разлика од Шнајдер, тој не верува дека ситуацијата на пазарот на трудот е во „рамнотежа“, односно дека само помалку квалификуваните вработени имаат причина да се грижат.

Дигитализацијата претставува „промена на епохите“, вели Вервибе, професор по социјална структура и социјална нерамнотежа на Универзитетот во Потсдам. „Она што е ново во врска со овој развој на настаните е фактот дека се засегнати и висококвалификувани работни места.

Како пример, тој наведува преведувачи, чии работни места се „одземаат“ од подобри софтверски програми како што се Google Translatе или DeepL. „Потенцијално, може да ги погоди и адвокатите, бидејќи повеќе од правните совети што им се потребни на клиентите, всушност, може да се направат полуавтоматски. И банките „кратеа“ работни места во последниве години.

Германија е во пресрет на трансформација и овој процес ќе се интензивира во иднина, додава Вервибе за ДВ. И тој забележува дека постои опасност Германија да го загуби приклучокот со другите земји во светот во однос на дигитализацијата.

Недостаток на образование

Пандемијата на коронавирус откри големи слабости во овој поглед, особено во областа на јавната администрација. Канцелариите за јавно здравје честопати беа преоптоварени, дури и користеа факс -апарати за да комуницираат и да го следат ширењето на инфекциите – наместо современи средства за дигитална комуникација.

Но, државата пропадна уште повеќе во однос на дигиталните компетенции на младите луѓе. „Тоа е првокласен политички пропуст дека во 2021 година треба да заклучиме дека воопшто нема училиште што подлежи на дигитално образование“, вели Вервибе.

Но, не само дигитализацијата ги загрозува работните места. Благодарение на порастот на електромобилноста, 200.000 работни места ќе бидат изгубени во германската автомобилска индустрија во следните четири години, едноставно затоа што електро-моторите и е-погоните се помалку сложени. Ова е резултат на студијата на ифо-институтот нарачана од Германската асоцијација за автомобилска индустрија (ВДА).

Во исто време, според најновите проценки, ќе се отворат уште повеќе работни места во областа на производството и одржувањето на е-автомобили отколку што ќе бидат изгубени во процесот на трансформација.

Нови работни места

Старите работни места исчезнуваат, а нови се појавуваат и во други индустрии. Околу 1,2 милиони работни места ќе бидат отворени до 2035 година во оние занимања кои тешко може да се заменат со технологија, се вели во студијата на консултантската компанија Делоит – претежно во областите на здравството, наставата и образованието, односно менаџментот и администрацијата.

Тоа е мала утеха за луѓето кои ќе ја загубат работата поради дигитализација, бидејќи честопати немаат квалификации за нови работни места. Дополнителен проблем е фактот дека секторот за пониско платени работни места во Германија е огромен – секој петти вработен (околу 20 проценти) работи за минимална или малку подобра плата. Во скандинавските земји, Холандија или Франција, оваа квота е двојно помала.

Излезот од таа ситуација е во образованието и дополнителното дошколување. Само во автомобилската индустрија, на околу 800.000 луѓе наскоро ќе им треба нова или друга квалификација, проценува консултантската компанија Бостон Консалтинг Груп.

Германија, како општество кое старее, ќе продолжи да зависи од имиграцијата од странство, вели истражувачот Шнајдер. „Притоа, ни требаат концепти насочени кон привлекување висококвалификувани луѓе во Германија. И по тоа прашање, тој се уште гледа „многу простор за подобрување“.