Ердоган ја укина старосната граница за пензионирање, над два милиони работници можат веднаш да се пензионираат

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го укина условот за старосна граница за пензионирање, потег што им овозможува на повеќе од два милиони работници веднаш да се пензионираат, објави Ројтерс.

Одлуката за укинување на старосната граница за пензионирање Ердоган ја донесе на околу шест месеци пред изборите, а тоа го соопшти на вчерашната прес-конференција.

Ваквата одлука, како што пишува Ројтерс, ќе им користи на луѓето кои почнале да работат пред септември 1999 година, кога се смени законот со кој се регулираат условите за пензионирање, и кои наполниле 20 до 25 години социјално регистриран работен век.

Неколку години наназад, работничките групи протестираа против условот за старосна граница, барајќи наместо тоа, од работниците да се бара единствено да го исполнат задолжителниот работен стаж за пензионирање.

Претходно старосната граница за пензионирање беше 58 години за жени и 60 години за мажи.

Засега не се знае колку ќе чини новиот пензиски систем, а Ердоган најави дека 2,25 милиони луѓе имаат право веднаш да се пензионираат. Во Турција моментално има 13,9 милиони пензионери.

Владејачката партија на Ердоган минатата недела значително ја зголеми минималната плата како дел од обидот да ја врати изгубената поддршкапоради инфлацијата, падот на лирата и остриот пад на животниот стандард.