ЕУ не бара да се воведе минимална саатница, но овој начин на исплата би бил пофер кон работниците, смета Јовевски

Бобан Илијевски

Иако исплаќањето на прекувремени работни часови е регулирано со Закон, во пракса ретко се спроведува. Пресметувањето на платата според концептот на минимална саатнина, вели, дека е пофер кон работниците.


▶Најголемиот дел од државите членки на Европската унија имаат воведено минимална саатнина (минимална плата на час), па поради тоа Министерството за труд и социјална политика го прашавме дали и Македонија ќе биде обврзана да воведе ваков модел на исплата на минималната заработка.

Несомнено, сето она што е обврска на останатите земји членки на ЕУ, ќе биде обврска и за нас. Она што е поважно е дека новото законодавство на ЕУ бара од своите членки да проценат дали минималната плата која ја утврдуваат е доволно висока за да се обезбеди пристоен животен стандард, земајќи ги во предвид нивните социо – економски услови, куповната моќ или националната продуктивност, посочија од МТСП.

Од МТСП додадоа дека со последните измени и дополнувања на Законот за минимална плата се утврди дека минималната плата од март 2023 година ќе се усогласува со 50 % од порастот на просечната исплатена нето плата за претходната година и со 50 % од порастот на индексот за трошоците за живот за претходната година, според податоците од Државниот завод за статистика.

Притоа, висината на минималната плата нема да биде пониска од 57 % од висината на просечна исплатената нето плата во РС Македонија за претходната година, велат од МТСП.

 Универзитетскиот професор и експерт по трудово право Лазар Јовевски за Работник вели дека пресметувањето на работниот ангажман, односно работата преку часови не е стандард и должност согласно европските директиви, но како решение има голем број на добри страни.

Во Македонија може да се воведе законска минимална саатнина, но мора да се пресмета согласно придобивките од концептот на минималната плата, напоменува Јовевски.

Според него, иако исплаќањето на прекувремени работни часови е регулирано со Закон, во пракса ретко се спроведува. Пресметувањето на платата според концептот на минимална саатнина, вели, дека е пофер кон работниците.

Професорот појасни дека овој начин на исплата може да се регулира преку колективни договори, иако лично смета дека би било подобро тоа да се направи преку законски решенија, поради ниската свест и култура на примена на колективните договори.

 

 

 

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.