ЕУ предлага компаниите да известуваат за родовиот јаз во платите

Компаниите кои вработуваат најмалку 250 лица во Европската унија ќе треба да започнат со обезбедување на податоци за разликите во платите според полот, откако е утврдено дека пандемијата на ковид-19 повеќе ги погодила жените отколку мажите. Жените во просек заработуваат 14% помалку во ЕУ, што значи дека два месеци работат бесплатно секоја година во споредба со мажите. Европската комисија, како што е најавено денеска ќе предложи законодавство за зајакнување на транспарентноста на платите, за да се намали таквиот јаз во платите.
Тоа ќе им даде на работниците кои аплицираат за работа и оние кои се веќе во работен однос право да бараат информации за очекуваната плата и за тоа како нивната индивидуална плата се споредува со онаа на другите. Предвидени се и казни за компаниите кои го кршат правото на еднаква награда.