ЕкономијаМакедонија

Заев: Денеска сме тука да изнајдеме решение кое ќе биде фер за лозарите, винариите и државата

37views

Денеска, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања и координација со економските ресори Фатмир Битиќи и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа во Кавадарци одржаа средба со лозарите. 

Пред почетокот на средбата премиерот Заев даде изјава за медиумите.

Во продолжение, ви ја пренесуваме изјавата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во целост:

„Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Дозволете прво уште еднаш, на целиот македонски народ, на сите граѓани, да им ја честитам македонската независност и самостојност, 8-ми Септември, големиот наш национален празник.

Секако, како што реков, самостојноста и самотијата, не одат рака под рака. Денеска, после 29 години самостојност на државата, имаме најголем број на пријатели, денеска целиот свет ни се пријатели. Исто така, граѓаните не се оставени сами ниту дома. Имаме држава, институции, имаме Влада, која што е тука да им се најде.

Во конкретниот случај, денеска на нашиот голем празник на независноста и самостојноста сме со лозарите, да разговараме за решавањето на сериозен проблем, кој го имаат овие наши граѓани, како типичен пример на една од најзначајните земјоделски гранки во државата.

Оваа година состојбата со лозарството е тешка, затоа што затворени се угостителските објекти подолг период и дома, но и во земјите кои ни се традиционални партнери и тоа предизвика да имаме 55 милиони литра вино во визбите, за разлика од лани овој период кога имаше 30-35 милиони литри. Тоа предизвикува загрижувачка состојба за сите нас. Оваа година имаме и болест, околу 20%-30% од лозовите насади се зафатени со болеста „бутритис“, која што секако предизвикуваат одредено опаѓање на грозјето и намалување на приносите, но секако и таму каде што го има грозјето, заради дождовите кои беа пред десетина, петнаесет и дваесет дена предивикуваат повисоки приноси на делот на грозјето.

Денес сме во Кавадарци да изнајдеме фер решение, кое ќе биде фер за лозарите, за визбите и за државата, затоа што само на  тој начин верувам дека државата чесно ќе им служи на своите граѓани. Чесно се поставивме уште со креирањето на ребалансот на буџетот во месец мај, пред изборите. Предвидовме буџетски средства, знаејќи дека ќе дојдеме до ваква тешка состојба и денеска сме овде заедно со потпретседателот на Владата, Министерот за земјоделство, пратениците од македонското собрание, градоначалниците на Кавадарци, Неготино, Росоман и сите други заинтересирани, веројатно и советници од локалните самоуправи, заедно со лозарите да поразговараме за решение на конкретниот проблем.

Ние веќе поразговаравме со македонските визби, кадешто утврдивме одредени цени. Логично, овие денови се појавуваат различни аспекти на поставувањето на цените, но како што реков, мора да изнајдеме фер и правично решение, кадешто ќе бидат задоволни сите, а пред се граѓаните, на кои им служиме, а тоа се лозарите или производителите на винското грозје коешто дефинитивно е проблематично.

Сакам да знаат граѓаните дека оваа година тоа што го договоривме со визбите на работниот состанок на кој беа присутни тогашниот кандидат, а сегашниот министер за земјоделство Аријанит Хоџа, тогашниот министер за земјоделство Трајан Димковски, којшто е и денес со нас, пратениците, беше да ја постигнеме ланската цена, каде што логично е дека државата треба да направи дополнителна интервенција заради тоа што откупните цени ќе бидат пониски. Проблемот се јавува доминантно кај Вранецот и Смедеревката. Кавадаречкиот регион има околу 40 милиони литри Вранец и Смедеревка, а целата држава има околу 80 милиони литри од овие сорти, некаде 55%, наспроти 45% во полза на Смедеревката и овде треба да ја направиме вистинската интервенција.

Договоривме откупна цена на Вранецот од 11 денари, додека за Смедеревката од 9 денари, каде државата ќе интервенира со 2+2 денари, вкупно со 4 денари за да ги постигнеме конечните цени  во приход за лозарите од 15 денари за Вранец и 13 денари за Смедеревка. Дополнително утврдивме и смогнавме сили да најдеме 2 денари за високосортните грозја, како што е Ризлингот и другите сорти, кадешто покриваме количина од 10 милиони литри, односно 10 милиони килограми, што е издаток од дополнителни 20 милиони денари. Целата оваа дополнителна интервенција на 80 милиони килограми (за Вранец и Смедеревка) и 10 милиони килограми за високо сортното грозје дополнително ќе ја чини државата околу 340 милиони денари или 5,5 милиони евра.

Исплативме оваа година, пред неколку месеци, 11 милиони евра, директни субвенции кон земјоделците, тоа се 9-те милиони евра кои се исплаќаат по основ на одржување и развој на лозови насади и тоа за површини од 1-10 хектари, 48.000 денари, односно 800 евра за самите земјоделци и веруваме дека со ваквите интервенции од страна на институциите ќе ги изнајдеме конечните решенија.

Денеска верувам дека ќе имаме плодна и одговорна дебата со лозарите и претставниците на здруженијата на лозарите, кадешто ќе најдеме решенија. Свесни сме дека имаме и дополнителни количини, развивме метода која сѐ уште ја дискутираме, да помогнеме во субституција на транспортните трошоци на наливното и на флашираното вино, и тоа 20 % од транспортните трошоци за извоз на наливното вино и 30 % од транспортни трошоци за извоз на флашираното вино, коешто во просек е околу 400 евра по возило. Тоа вкупно, во државата, излегува некаде околу 1,5 милиони евра дополнителни субвенции, се со конечна цел, да се пласираат  сите тие залихи и за да можат самите визби да имаат поголем апсорбционен капацитет и секако поголем откуп на винското грозје.

Така да, денес е состанокот со најважните, тоа се нашите граѓани, производителите на винското грозје, верувам дека ќе утврдиме начин на решавање на проблематиката, затоа што за неколку дена треба и официјално да стартува откупот, а некаде во помали количини е веќе и почнат“.