НовостиПравда

Заев и Филипче во посета на болницата во Струмица: Новото крило на болницата се става во функција на борбата против Ковид-19

58views
Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче денеска беа во работна посета на ЈЗУ Општа болница – Струмица.
За време на посетата заедно со директорот на болницата д-р Наќе Гогов, извршија увид на новото крило на болницата кое е опремено и наскоро ќе може да почне со работа.
Како што истакна премиерот Заев, новото крило на Струмичката болница ќе се докомплетира со средствата од Светска Банка, наменети за оваа и за болниците во Тетово и Охрид.
Во рамки на посетата премиерот Заев реализираше донација од своето семејство – амбулантно возило.
„Ова е време кога секој треба да  помага како и колку може. Семејството Заеви и јас како струмичанец веќе дониравме опрема за потребите на оваа болница, а денес донираме и амбулантно возило. Се надевам дека ќе им треба на што помалку луѓе, но тогаш кога ќе треба да носи здравје и среќа. Новото крило на болницата сега ќе биде ставено во функција на борбата со КОВИД-19″, рече премиерот Заев.
Министерот Филипче се осврна на важноста од инвестирањето во оваа болница како центар за лекување во целиот струмички регион.
„Струмичката болница ја завршивме после повеќе од 30 години, сега таа почна да се опремува, еве дел и со донации. Ќе продолжиме и во текот на следната година кога ќе биде целосно опремена со кредитот од Светската банка, кој долго време го чекавме. Можеше да биде и порано на располагање за граѓаните ако не беше многу непринципиелна блокада од страна на опозицијата”, истакна Филипче.
Директорот д-р Гогов се заблагодари за донацијата, подвлекувајќи дека амбулантното возило е тоа што е најпотребно за болницата во моментов.
„Возилото е целосно опремено и ќе одговори на потребите на граѓаните и на медицинскиот персонал за да се чувствуваат безбедно при транспортот”, заклучи д-р Гогов.
На настанот уште еднаш се апелираше да се почитуваат мерките, да се носи маска, да се држи дистанца и редовно да се одржува лична хигиена.