Правда

Заев на меѓународна конференција „Жени во индустрија“: Еднаквост на жените во изборот на работни места

Заев на меѓународна конференција - Работник
37views

Претседателот на Владата на Р. Македонија, Зоран Заев денеска се обрати на отворањето на дводневната меѓународна конференција „Жени во индустрија: Лидерите ја унапредуваат родовата еднаквост”, организирана од страна на Инженерска Институција на Македонија и ЕВН Македонија.

„Ми претставува посебна чест што по трет пат по ред сум поканет да се обратам на оваа исклучително важна конференција.

Нејзината цел: Подигнување на свеста за важноста на родовата рамнотежа во бизнис заедницата и индустријата, идентификувајќи стратегии и програми за еднакви можности во индустријата, со потенцирање на економскиот императив за создавање родов инклузивен и одржлив раст, е во суштината на политиките за родова еднаквост на Владата на Република Северна Македонија.

Како земја членка на меѓународната заедница, нашата земја се обврза да ги спроведе потребните мерки за да ги оствари Целите за одржлив развој на Обединетите Нации до 2030 година.

Го започнувам ова мое обраќање со потсетување на овие обврски бидејќи речиси во секоја од 17-те цели за одржлив развој се спомнуваат жените и девојките. Тоа имплицира дека ниту една од овие цивилизациски и хумани цели нема да биде остварена ако не ги вклучуваат девојките и жените како суштински фактори за остварување, или како целни групи на кои се однесуваат глобалните Цели за одржлив развој.

Тоа се однесува на ставање крај на сиромаштијата, на ставање крај на гладувањето и на постигнувањето на пристап до здрава храна, на обезбедување здрав живот и благосостојба за сите, на пристап до инклузивно и еднакво квалитетно образование за секого, за родова еднаквост и за охрабрување на жените и девојките во остварувањето на нивните права, за промовирање на инклузивен и одржлив економски раст со еднакви шанси за вработување и за пристојно и еднакво платена работа за сите.

Ниту една од овие цели нема да се оствари ако не ги вклучи жените и девојките.

Овие цели се суштински и ги претставуваат вредностите кои ги застапуваме, за кои се бориме, и кои сакаме да ги видиме остварени.

Без исклучок, и многу побргу отколку дедлајнот на Целите за одржлив развој на Обединетите Нации – 2030 година, може да оствариме голем процент од овие цели.

Јас денеска сакам да зборувам за тоа: Сите ние треба да го дадеме најдоброто од нас и нашиот придонес за остварување полната, безусловна еднаквост на жените и девојките.

Зашто – никој не смее да биде запоставен – вели клучниот повик на Целите за одржлив развој на Обединетите Нации.

Ниту една земја не може да си дозволи да остави половина од својата популација зад себе. Тоа не смее да биде прифатливо за никого.

Нема да запреме додека целосно не ја анулираме разликата во вредноста на трудот меѓу мажите и жените;

Нема да запреме со спроведувањето на политиките за родова еднаквост додека не обезбедиме дека девојките и жените имаат апсолутно еднакво право да напредуваат во нивните работни кариери и да бидат избирани на највисоки работни позиции.

Нема никаква причина да биде поинаку.

Намалувањето на родовиот јаз во платите, на макроекономско ниво, може да придонесе за поголем економски развој.

Еднаквост на пазарот на труд може да ја поттикне мотивираноста, охрабрувањето и вклучувањето на жените, и ќе придонесе значајно за долгорочниот раст на економијата.

Кога жените губат – сите губиме.

Затоа треба да биде јасно: Економското зајакнување е одговорот на многу од прашањата со кои се соочуваат девојките и жените.

Економски силни девојки и жени полесно ќе се справуваат со сиромаштијата, со насилството и дискриминацијата, со остварување на нивното природно право да бидат еднакви во изборот на работни места и на нивното право да бидат на раководни позиции.

Девојките и жените мора да го добијат правото на гласност, на избор и на еднакво учество во сите сегменти на општеството и во севкупниот негов развој.

Република Северна Македонија е должна да го обезбеди тоа. Со континуирани политики за родова еднаквост и со спроведување на обврските од меѓународно прифатените конвенции и декларации.

Да не заборавиме: Кога се залагаме и кога градиме подобар свет за жените, всушност градиме подобар свет за сите.

Овие промени треба да ги направи нашата генерација. Зошто би им го препуштиле остварувањето на овие благородни цели на некои други генерации?!?

Тоа се наши цели, и тоа треба да биде наше достигнување!!!

Посакувам успех заеднички во оваа благородна мисија!

Благодарам.“

Извор: Влада на Р. Македонија