Заев: Ќе има мерка преку која отпуштените работнции ќе се вратат на работните места
Секогаш сакаме да укажеме на регионите каде што има поголем процент на невработеност, каде што има дефинтивно разлики помеѓу квалификуваноста на работната сила, традиција на поголема невработеност на жените, рече Премиерот Зоран Заев, на денешната прес – конференција на новинарско прашање во врска со изјавата на првиот Вицепремиер Артан Груби во однос на субвенционирањето на приватниот сектор за вработување на Албанци и други малцинства.
„Неслучајно развиваме договор за стратешка инвестиција во Кумановско. Таму има најголема невработеност, но не се невработени само Албанците, туку и Македонците и другите етнички заедници“, рече Заев.
Тој посочи дека субвенции ќе има за сите етнички заедници и иницијативи. Истакна дека регионалниот пристап ќе продолжи. Рече дека ќе гледаат низ регионите и низ потребата за квалификувана работна сила, но и на мотивацијата на граѓаните да се квалификуваат за потребите на пазарот на трудот.
„Едниот дел е преку мерките на агенцијата за вработување, а вториот дел е низ образованиот процес, преку кои ќе продуцираме кадри кои во иднина полесно ќе можат да најдат работа, да продолжиме низ еднаквиот пристап. Дефинитивно имаме заедничка програма која дава конкретен исчекор и одговор на решавање на проблемите граѓаните“, рече Заев.
Потенцираше дека ние сме едно општество и дека во тој правец ќе се развиваат политиките.
Заев истакна дека синоќа се одржал Економскиот Совет на кој се разгледале сите иницијатви од коморите, синдикатите и работодавачите. Посочи дека ги имаат во предив сите укажувања во однос на барањата на засегантите страни, а и дека ги направиле пресметките за капацитетите на државата, истакнувајќи дека ќе се движат во два правци.
„Едниот правец е поддршка на приватната потрошувачка, а тоа значи дека ќе има нови потрошувачки картички коишто ќе бидат уште поконкретизирани, за да можат да бидат потрошени во дејностите коишто се најпогодени. Во овој дел од мерките спаѓаат сите социјално ранливи граѓани, а тоа се, покрај пасивните баратели на работа, пензионерите кои имаат пензии под 15,000 денари, самохраните родители и стечајните работници кои земаат надомест и оние коишто земаат надомест од социјално“, рече Заев.
Истакна дека вториот дел од мерките е насочен кон стопанството и работниците, каде што, како што вели, борбата е за секое работно место и посочи дека буквално ги разгледуваат сите можни аспекти за натамошно помагање преку мерките коишто дале резултати, за да се помогне на сличен начин.
„Се размислува оваа помош да биде уште потаргетирана. Доколку аплицираат компании коишто се погодени на 30 %, би требало да имаме капацитет да одиме со дополнителен развој на мерките, за да пропорционално ги поттикнеме и помогнеме оние коишто се погодени, со 30, 50, 80 и 100 %. Така да ќе тргнеме од некоја помош од 14,500, каде што дополнително ќе важи за тие компании кои се 30 % погодени од кризата, а сумата би требало да се зголемува за тие коишто се повеќе од 30 % погодени, за да има правичност во реализцијата на сите мерки“, рече Заев.
Посочи дека дефинитивно ги помагаат компаниите со 20 – те милиони евра коишто во моментот ги развиле како процедури. Вели дека ќе одат на целата подготвеност, за да видат што можат да направат со парафискланите давачки, одложувањето на одредени даноци, како аконтацијата на добивката и одредени други важни даноци.
Заев посочи и дека ќе има нова мерка која ќе биде насочена кон враќање на отпуштените работници. Потенцираше дека Владата ја гледа бројкат на сите невработени и на сите отпуштени од работа.
„Доколку сега некој се вработи ќе има екстра помагање, за тоа што конечната цела ни се работниците и секако посиромашните граѓани. Одлуките ќе бидат завршени до крајот на другата недела и верувам дека до крајот на другата недела ќе излеземе со пакет, за кој ќе ги знаеме и правните последици, односно каде ќе треба да се интервенира со закон, а каде со одлука на Владата.
Бобан Илијевски