- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Занетичиите се во паника – не знаат како да ги подмират обврските бидејќи не остваруваат промет

Занетичиите се во паника - Работник
1.36Kviews

Корона кризата длабоко го погоди стопанството. Покрај тоа што едни од најпогодените сектори се туристичко – угостителскиот, текстилниот, автомобилскиот, но и транспортниот, кризата не ги остави покусо ниту занаетчиите.

Пандемијата со Ковид -19 го погоди целиот занаетчиски сектор. Целиот занаетчиски сектор е во криза затоа што нема побарувачка за занаетчиските производи и услуги. Сите сектори се погодени започнувајќи од секторот лични услуги и тоа: фризери, козметичари, маникир и педикир и масери, кои што имаат намален обем на работа поради големиот број на заболени од вирусот, велат од Занаетчиската Комора Скопје за порталот Работник. 

„Во иста ситуација се и останатите занаетчиски дејности затоа што нема работа во моментов за никого и тоа: бравари, столари, слаткари, градежници, златари, филигранисти, поправка на апарати за домаќинствата и сите други занаети“, велат од таму. 

Истакнаа дека занаетчиите се во паника поради тоа како ќе ги подмират обврските кон државата, како и останатите обврски за закуп, струја, вода и парно за деловните простори и со кои финансиски средства ќе ја поминат оваа кризна состојба во ситуација кога воопшто не остваруваат промет.

Според нив, занаетчиите кои имаат вработени се исто така во многу неповолна ситуација, затоа што од нив зависи егзистенцијата на семејствата на вработените, а како што велат, не се во ситуација да исплатат плати за вработените и ќе мораат да ги отпуштат од работа затоа што бизнисите стануваат неликвидни.  

„Занаетчискиот сектор не е за занемарување затоа што само во регистарот на Занаетчиска комора Скопје се регистрирани 2.000 активни занаетчии од најразлични дејности, дел од занаетите се паушално оданочени и функционираат како самовработени лица, но дел од нив имаат и вработени. 

Посочија дека Занаетчиска комора Скопје достави предлог антикризни мерки до надлежните институции, а со тоа занаетчиите влегоа во можни корисници на финансиска подршка доколку ги исполнуваат условите, можат да аплицираат на бескаматните кредити на повик на Развојна банка на Република Северна Македонија.

На кои занаети најмногу им фали кадар?

Од Занаетчиската Комора Скопје велат дека потреба за кадар имаат занаетите од областа на градежништвото и тоа: паркетари, плочкари, фасадери, електроинсталатери, кровопокривари; во електромашинство: бравари, автомеханичари, поправка на апарати за домаќинствата; занаетите во областа на производство на храна пекари и слаткари, исто така недостиг има и во следните занаети водоинсталери, оџачари, и многу други занаети.

„Дефицитот на кадар се чувствува повеќе години во занаетчискиот сектор, од причина што во изминативе години многу мал број од младите лица избираат занаетчиски занимања како нивна идна професија“, велат од таму. 

Сметаат дека решението на овој долгогодишен проблем е зголемување на интересот на младите лица и зголемување на број на запишани ученици во средното стручно образование.

На прашањето како да се привлечат младите да изберат некој од занаетите, од Занаетчиската Комора Скопје рекоа дека потребно е на младите да им се истакнат предностите кои ги нуди занаетчиството и можностите за вработување или самовработување веднаш по завршување на образованието.

За потестување, Министерството за образование и наука објави дека ќе се доделуваат стипендии на средните стручни училишта, па останува да се види дали тоа дополнително ќе ги мотивира учениците да изберат занает.

Бобан Илијевски