МакедонијаПравдаСиндикат

Затворските полицајци немаат унифицирани униформи

Затворските полицајци немаат унифицирани униформи - Работник
595views

Затворските полицајци немаат соодветни униформи, вели Претседателот на синдикалната организација на КПУ Затвор – Скопје, Стојче Јовановски, при синдикатот на администрација и државна управа – САДУ.

Јовановски за Портал Работник рече дека секоја година имаат буџет за униформи кој се пренаменува и за други цели, а тие се сеуште без униформи.

„Ќе случи во две, три години некој да купи само обични маици, изгравирани со затворска полиција и толку“, вели Јовановски.

Тој наведе дека тие маици им ги сметаат како дадена униформа. Според него после две, три години им дале џемпери и на два пати им дале пантолони.

Јовановски истакна дека тој има тринаесет години работен стаж, а нема задолжено целосна униформа. Нему и на неговите колеги им останува само да бараат униформи од нивните колеги во полиција, но според него и тие веќе немаат униформи.

„Прашање е на ден кога ќе почнеме по цивилка да одиме на работа“, рече тој.

Тој објасни дека е лошо што секој затвор прави свој тендер за униформа. Како што вели, тендерот го добива оној којшто ќе даде најниска понуда за шиење на небитните делови од униформата кои најчесто испаѓаат некавлитетни и различни. Јовановски смета дека затворските полицајци не се унифицирани со униформи, бидејќи секој има различна.

Јовановски нагласи дека дал предлог кога се правел нацрт законот за извршување на санкции, за тоа да се именува еден претставник кој ќе се грижи за униформите во Управата за извршување на санкции. Се осврна и на правилниците за униформи и ознаки, за кои рече дека треба да функционираат. Според него тие се направени веќе неколку години, а сеуште не се потпишани.

„Треба да се знае, од кога до кога се носи џемпер, од кога јакна, од кога се носи кошула и т.н. Кај нас тоа го нема“, рече Јовановски.

Што се однесува до колективниот договор, Јовановски смета дека тие нема да бидат вклучени во неговата изработка, ниту во неговото потпишување.