ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

За вработените во моловите и маркетите зголемена дневница за работа во недела. Што е со останатите кои ќе работат во недела?

   Време за читање 5 минути

Недела како неработен ден е едно од најактуелните прашања во изминатите три месеци кои ги засегаат работниците, но како што стојат моментално работите, многу мал дел би можеле да го искористат овој ден за одмор, поради тоа што според сегашното предлог законско решение 38 дејности ќе бидат исклучени од истото, односно ќе можат да работат во недела, а тука се и помошните и придружните дејности.

Ова, според Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија Благоја Ралповски, значи дека секој работодавач којшто има регистрирано повеќе дејности ќе може да работи во недела.

Другиот момент, е тоа што во Законот за трговија кој е во надлежност на Министерството за економија ќе биде регулирано трговските дејности да работат во Недела, со тоа што на вработените кои ќе работат ќе им биде исплатена поголема дневница за 100 %, а воедно работното време ќе биде само во една смена, од 10 до 18 часот. 

Министерот за економија Крешник Бектеши на последната седница на Економско – социјалниот совет ги објасни измените на Законот за трговија, како и начинот преку кој ќе се уреди работата во трговските дејности, нагласувајќи дека и делот за неработната недела треба да биде уреден со Законот за трговија, а не со Законот за работни односи. 

„На овој начин, ќе се зајакне инспекцискиот надзор над работодавачите, бидејќи покрај Државниот инспекторат за труд, контрола ќе може да вршат и Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи“, е објаснувањето на Бектеши. 

Ралповски пак, вели дека Министерот Бектеши се обидува да го бајпасира (одмине) предлог Законот за работни односи, преку Законот за трговија, со кој ќе им се овозможи на моловите и маркетите да работат во недела.

Тој ги поздрави одредбите во Законот за трговија кои пропишуваат дека на работниците ќе има се исплаќа 100 % од дневницата, посочувајќи дека треба да биде исто за сите работници во Македонија, поради тоа што доколку остане вака, вработените во трговијата ќе земаат поголеми дневници, а останатите вработени нема да бидат платени за работа во недела, со што ќе бидат дискриминирани. 

„Министерот за економија Бектеши на многу интересен начин се обиде да го бајпасира предлог Законот за работни односи, а тоа се обиде да го направи преку Законот за трговија, каде што преку овој специјален закон им дава можност на сите маркети и молови да работат во недела. Но, морам да признаам дека во Законот е пропишано сите што ќе работат во недела ќе имаат 100 % поголема дневница. Ние го поздравуваме овој потег, но бараме да биде исто за сите работници во Македонија, бидејќи согласно предлог Законот за неработна недела ќе дојдеме во ситуација во која некои работници ќе бидат дискриминарани, односно ќе работат во недела, но нема да бидат платени за тоа“, рече Ралповски на вчершната прес – конференција. 

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска истакна дека според повеќемесечната анализа на состојбата во стопанството и процената на финансиските импликации, работењето на трговските центри во недела е разумно и основано. Таа го поддржа Бектеши, за тоа дека работењето во недела треба да е регулирано во Законот за трговија, иако во повеќе наврати, по ова прашање Бектеши и Шахпаска имаа дијаметрални ставови. Министерот за економија уште од самиот почеток сметаше дека трговијта треба да работи во недела, а Министерката за труд сметаше дека треба да работат само оние дејности без кои државата не може да функционира. 

Од Сојузот на синдикати на Македонија не се согласуваат со предлогот на МТСП, правото недела како неработен ден, да се уреди со Законот за трговија. Од ССМ се децидни дека ова право треба да се уреди со Законот за работни односи. 

Сојузот на синдикати на Македонија не се согласува со предлогот на Министерството за труд и социјална политика, правото недела да биде неработен ден, да се уреди и со Законот за трговија, освен со Законот за работни односи.

„Синдикатот смета дека ова право треба да се уреди само со Законот за работни односи како основен закон од трудовото право, а не да се уредува со посебни закони, затоа што тоа може да доведе до нееднаквост на правата на работниците и да предизвика правна несигурност“, подвлекоа од ССМ. 

За потсетување, од бизнис секторот посочија дека доколку се примени ова законско решение, ќе ги намалуваат платите и ќе бидат принудени да отпуштаат работници.

Примената на законското решение за недела како неработен ден е одложена за 1 јануари, 2022 година. 

Бобан Илијевски