ПравдаСветот на работникот

За кои работнички проблеми најмногу се бара правна помош?

За кои работнички проблеми - Работник
359views

Обезбедувањето на бесплатна правна помош на работниците околу нивните проблеми е од клучна важност за одржувањето на работничките права. За таа цел, Порталот Работник се обрати до Македонското Здружение на Млади Правници – МЗМП.

На прашањето за тоа која е постапката за давање на правна помош, од МЗМП истакнаа дека Македонското здружение на млади правници, како здружение регистрирано во Министерството за правда за обезбедување бесплатна правна помош, при обезбедувањето на правната помош се раководи од одредбите на Законот за бесплатна правна помош. Во таа насока, лицата кои имаат потреба од правна помош се обраќаат до нив лично, по телефон или по е-маил. Доколку има потреба од дополнителни информации или документи кои се од важност за правниот проблем со кој се соочува конкретно лице, тоа се повикува во канцелариите на МЗМП по што тимот од правници го разгледува случајот и му обезбедува правен совет, односно правна информација. Доколку лицето кое се обратило кај нас ги исполнува условите за остварување на правото на бесплатна правна помош согласно Законот за бесплатна правна помош, МЗМП му помага при пополнување на образецот кој подоцна се поднесува до Министерството за правда. Доколку Министерството за правда го одобри барањето за бесплатна правна помош, државата му обезбедува на лицето адвокат кој ќе го застапува во граѓански или управен спор, односно во управна постапка.

Во однос на тоа кои работнички права најмногу се кршат и за истите се бара правна помош, од МЗМП наведоа дека она што се уште е голем проблем во државата, е непродолжувањето на договорите за вработување на определено време на бремените жени. Ова најчесто се случува откако работничката ќе му соопшти на работодавачот дека е бремена или во моментот дури е на отсуство поради раѓање. На овој начин бремените жени се ставаат во незавидна позиција во која им се ускратени правата од социјално и здравствено осигурување. Ваквата пракса на работодавачите претставува дискриминирачко постапување, за што судовите во државата веќе имаат донесено пресуди.

Велат дека дополнителен проблем е остварувањето на правото на скратено работно време за родителите на лица со попреченост. Ваквото постапување исто така претставува дискриминирачко постапување од страна на работодавачите, а и според нив работниците во државата се соочуваат со проблеми и во однос на остварување на правото на годишен одмор и прекувремената работа.

Во врска со кршењето на исти или слични права кај повеќе работници, од МЗМП истакнаа дека од нивната досегашна работа, мора да се издвои проблемот со дискриминација на бремените жени, односно непродолжување на нивните договори за вработување на определено време.

Тие додадоа дека здружението, во соработка со неколку адвокати, има поддржано повеќе судски предмети за ова прашање. Дополнително МЗМП има објавено правно мислење на оваа тема, која сериозно ги погодува не само бремените жени, но и општеството во целина.