МакедонијаПравдаСиндикат

За синдикатот на клинички центар нацрт законот за лекарска дејност е мешавина на постоечки закони

За синдикатот на клинички центар нацрт законот за лекарска дејност е мешавина на постоечки закони - Работник
403views

За Самостојниот Синдикатот на Клинички центар – ССКЦ, Нацрт Законот за лекарска дејност кој во основа делува како мешавина на постоечки закони, испреплетен со делови од Хипократовата заклетва има јасна цел за прекумерно давање моќ на Лекарската комора на Република Северна Македонија, пишуваат од синдикатот во соопштението.

Од синдикатот истакнуваат дека се работи за лоша копија на претходно изготвениот Предлог Закон за докторска дејност на Лекарската комора на Македонија од 21.04.2016 година и суштински не носи никаква или многу ограничена полза за докторите на медицина, а притоа јасно ги дефинира нивните должности и обврски.

„Изготвувачите и предлагачите на овој Нацрт Закон за лекарска дејност, наместо да ја превземат одговорноста и оправдаат доверената улога и чест, избегнаа законски да ја утврдат минималната основна плата за докторите на медицина во јавното здравство со цел да се дефинира нивниот статус во Републиката, многу одамна и силно етаблиран во високоразвиените демократии во светот, и кој докторската фела неспорно го заслужува“, наведуваат од ССКЦ.

Според нив со ова се отстрани главната придобивка за докторите на медицина од претходно изготвениот Предлог Закон за докторска дејност на Лекарската комора на Македонија од 21.04.2016 година во кој Основната нето плата се утврдува така што просечната плата во Републиката се множи со коефициент 2,5 за општи доктори, со коефициент 2,7 за доктори специјализанти,  со коефициент 3,5 за доктори специјалисти и коефициент 3,8 за доктори супспецијалисти.

Велат дека со утврдување на законскиот минимум на основната нето плата за докторите на медицина во јавното здравство за да се сочува нивното достоинство и соодветно да се вреднува нивниот труд, првенствена цел за која докторите формирале комора, ќе се дефинираа почетните позиции на синдикатите во преговорите за платите на докторите, кои и понатаму би се одредувале со колективни договори.

Од синдикатот истакнуваат дека дополнителната дејност и во овој Нацрт Закон за лекарска дејност останува непроменета и неконкуретна на приватното здравство, а за бенефицираниот работен стаж на докторите на медицина ниту збор.

„Особено понижувачки и спротивно на дипломата за завршен Медицински факултет и постоечкиот Закон за здравствената заштита, овој Нацрт закон за лекарска дејност докторот на медицина го дефинира како лекар на медицина, звање кое не е препознатливо во високоразвиените земји“, објаснуваат од синдикатот во соопштението.

Прашуваат дали предлагачите и изготвувачите на овој Нацрт Закон за лекарска дејност не знаат или заборавиле дека докторите на медицина во еден поранешен период не ги примаа дипломите со вакво несоодветно звање, и дали мислат дека сега ќе биде поинаку.

Додаоа дека Министерството за здравство како предлагач и Лекарската комора на Република Северна Македонија како изготвувачи на овој Нацрт закон за лекарска дејност ја пропуштија можноста и обврската да ги задржат докторите на медицина, кои секојдневно во се поголем број ја напуштаат нашата држава.