СветСиндикат

Зголемена потреба за социјална помош: Деветчлено семејство живее со 800 евра месечно

52views

Во Мадрид, повеќе од еден милион Шпанци останаа без работа за време на пандемијата, па дури и пред тоа, секој четврти граѓанин живееше на работ на сиромаштијата. Владата воведе нови видови на социјална помош, но бирократијата заостанува, а изгледите не се розови, пишува Дојче веле.

Во областа Вилаверде во Мадрид, педесетина луѓе чекаат пред канцеларијата на Жолтата патка. Тоа е име на граѓанска иницијатива која постои повеќе од десет години и дистрибуира храна на оние на кои им е потребна.
Во редот чека и Вероника Фуентес, која живее во трособен стан со нејзиниот сопруг, шест деца и внук. Бидејќи остана без работа, социјалната помош на мадридските власти и детскиот додаток се единствениот приход на семејството. Тоа се вкупно 800 евра.

Вероника припаѓа на таа четвртина од Шпанците кои, според минатогодишната статистика, живеат на работ на сиромаштијата и социјалната изолација. Организациите за социјална заштита претпоставуваат дека бројот на такви случаи е зголемен поради кризата што ја донесе пандемијата.

За време на короната, повеќе од еден милион луѓе останаа без работа. За да ги ублажи последиците, владата во Мадрид великодушно го одобрува овој вид финансиска помош не само за луѓето кои се во работен однос, туку и за независни претприемачи. Скоро 3,4 милиони Шпанци добија помош во јуни.

Во јули, бројот на оние кои примаат социјална помош се намали за нешто повеќе од половина милион. Најмногу, затоа што сопствениците на ресторани и хотели се надеваа на гости и туристи во текот на летото, и затоа вработуваа голем број луѓе.

Исплата за скратено работно време

Според концептот на скратено работно време, вработените ги задржуваат своите работни места, но добиваат надомест во висина од 70 проценти од нивната плата од Бирото за труд.

Сепак, стапката на невработеност за време на финансиската криза и експлозијата на меурот на недвижнини во 2013 година во Шпанија беше значително повисока – дури 27 проценти во споредба со сегашните 15 проценти. Но, за време на финансиската криза, многумина од тогаш успеаја да се снајдат, работејќи повремени или сезонски работи. За време на пандемијата, таа можност за да се снајдат работниците беше невозможно.

Вероника Фуентес, која стои во редот за храна, порано работеше како чистачка, продаваше овошје или се грижеше за стари лица. Сепак, таа никогаш немала договор за вработување, па затоа нема право на надоместоци за невработеност или надоместок за скратено работно време за време на короната.

Во 17 автономни шпански региони се обезбедува социјална помош за вакви случаи. Но, износите се многу различни – така регионот на Навара плаќа најголема сума, која се движи помеѓу 600 и 1.200 евра, додека градското подрачје и околината на Мадрид, инаку најскапото место за живеење, даваат најмалку помош, која се движи од 400 до 735 евра.

Шпанската влада со време сфати дека пандемијата доведе многу семејства во сиромаштија. Затоа, во јуни, воведе друг вид социјална помош, т.н. „минимален животен приход“. Таа помош е платена од државата и изнесува од 460 до 1.000 евра, во зависност од големината на семејството – тоа е, дополнителна, социјална помош платена од регионите.

Тие не успеваат да ги процесираат барањата

Повеќето од оние кои стојат во редот за храна во Вилаверде имаат право на државна помош, но досега не беа во можност да го пополнат соодветниот формулар. Од канцелариите за социјална помош им даваат термини на граѓаните, но редот е огромен. Причината, според синдикатите, е недостаток на кадар. Поради кратење на буџетот, канцелариите за социјална помош изгубија 6.000 државни службеници во текот на изминатите десет години. Досега се одобрени само 80.000 барања за помош.

Во исто време, шансата да се најде работа овие денови не е розова: расте бројот на регистрирани нови случаи на корона, затоа се зема предвид пролонгираната економска криза. Неодамна, на пример, Германија ја прогласи цела Шпанија за ризична земја, што е силен сигнал за туристите на крајот на сезоната.

Така, деветчленото семејство Фуентес ќе продолжи да се упатува на донации за храна и ќе мора да се справува со само 800 евра месечно.