МакедонијаСветот на работникотСиндикат

Здравствената администрација ќе поднесе тужба до Уставниот суд доколку се потпише колективниот договор

   Време за читање 4 минути

Од неофицијални извори од Министерството за здравство, порталот Работник дознава дека врз административно и помошно – техничкиот персонал бил вршен притисок од страна на членови на Сојузот на синдикати на Македонија, за истите да не излегуваат на протест.

Имено, и покрај наводните притисоци, револтираниот административен и помошно – технички персонал излезе на уште еден протест поради неисполнувањето на нивното барање, а тоа е зголемување на платите од 10 проценти.

„Овој протест го повторуваме поради тоа што не се исполнети нашите барања и покрај тоа што имавме преговори. Ги убедивме Министерството за здравство и информатичко општество и администрација дека здравствената администрација е посебна во задачите што ги извршува, но се изненадивме од последната изјава на министерот дека здравствената администрација нема да биде вклучена во зголемувањето на платите и со потпишувањето на анкесот нема да биде внесена во колективниот договор“, рече Лела Јеремиќ од Координативното тело на здравствената администрација.

Таа изрази благодарност до синдикатите коишто им дадоа поддршка и рече дека очекува синдикатите да не ги потпишат анексите на колективниот договор додека не се зголеми платата за сите вработени и дека доколку не се исполнат нивните барања дека ќе организираат генерален штрајк на вработените во администрацијата.

За изјавата на Министерот Филипче дека идната година ќе има услови за зголемување на платите, Јеремиќ рече дека веќе има услови со тоа што буџетите се формирани и тие се сосема добро направени, имаат перспектива, вклучуваат нови вработувања, како и зголемување на платите.

„Ние како здравствена администрација и помошно – технички персонал навистина не сме некоја голема ставка и голем трошок за зголемување на платите, бидејќи административците во здравството немаат додатоци за дежурство и не преставуваат голем товар. Се согласивме со Министерост за информатичко општество дека навистина имаме посебност во работата и тоа со аргументи“, рече таа.

Според неа, и да им ги покачат платите следната година, тие повторно нема да бидат во добивка, бидејќи зависат од колективниот договор. Истакна дека еден дел администрацијата зема плата со законот за плати, а не со колективен договор, а за нив ќе треба повторно да се прави нов одвоен колективен договор и повторно ќе се направи некоја дискриминација при потпишување на истиот.

„До сега покачувањето на платите беше со покачувањето на вредноста на коефициентот и доколку се одеше на зголемување на тој начин, тоа сигурно ќе беше поголемо“, рече Јеремиќ.

На протестот присуствуваше и Претседателот на синдикатот на клинички центар, д-р Горан Беговиќ кој рече дека тој во неколку наврати изразил поддршка за барањето на административниот и помошно – техничкиот персонал.

Тој нагласи дека сеуште нема датум кога ќе се потпише колективниот договор со министерството за здравство и рече дека е можно кога ќе дојде техничката Влада да не се потпише колективниот договор, со што во тој случај нема да има зголемување на платите на здравствените работници.

Беговиќ истакна и дека Советот на синдикатот одлучил дека треба да се потпише колективниот договор, но Координативното тело на здравствената администрација смета дека истиот не треба да се потпише, бидејќи не е уставен, односно поради тоа што е дискриминирачки.

Александар Трајчевски од Координативното тело на здравствената администрација се обрати пред насобраните, велејќи дека доколку се потпише колективниот договор, тие ќе поднесат тужба до Уставниот суд.

Во продолжение погледнете го неговото обраќање: