Знаете ли што е „Bleisure“? – Се појавија два интересни тренда кој можат да ѝ донесат големи приходи на туристичката индустрија

За многумина, дигиталното номадство започнало многу пред ковид периодот, но овој тренд тогаш зел најголем замав. Зошто? Затоа што многумина – и да сакале – поради правилата на фирмите, не можеле да работат на тој начин претходно.

Само самото давање на приоритет на одржувањето на физичка дистанца во текот на пандемијата, шефовите започнале повеќе да ги „олеснуваат“ правилата и масовно да ги испраќаат вработените на работа од дома, па дури и на работа на „другиот крај на светот“.

Моментално постојат два тренда, кои покрај стандардните патувања, ја креваат туристичката индустрија „на нозе“. Тие се потполно нови и примамливи за голем дел патници кои се во можност да го спојат убавото и корисното. Еве за што се работи.

Bleisure

Самиот збор е од англиско потекло и не би можел да се преведе на македонски јазик, бидејќи не е во духот на јазикот. Настанат е со спојување на два англиски зборови:  business + leisure и се однесува на комбинирање на работата со слободното време. Сепак, ова колку е добро, толку е и лошо, бидејќи дополнително ги замаглува границите помеѓу работата и приватниот живот.

Од друга страна, на луѓето кои го следат овој тренд не им пречи, затоа што немаат стриктни работни обврски, во смисла на работно време, одење во фирма, правдање на отсуството итн. Времето го организираат на свој начин.

Ширум светот, повеќе од еден од три бизнис патници ја додале компонентата слободно време на барем едно од своите бизнис патувања оваа година, рекле од здружението Global Business Travel.

„Тоа се луѓе од сите, различни нивоа. Мислевме дека тоа би можело да биде повеќе за оние на почетните нивоа, но откривме дека тоа го прават и менаџерите, иако откривме дека милениумците повеќе ќе уживаат во тоа задоволство од своите постари колеги“, истакнале од таму.

Од здружението велат дека и многу работодавачи ги поддржуваат патувањата од задоволство, бидејќи нивната благосостојба позитивно се одразува на работата. Тоа значи, велат, дека луѓето ќе станат попродуктивни и полојални на работното место. Она што ваквиот вид на “бизнис патување“ го прави помалку стресно е што вработените можат да ги земат децата со себе и да додадат уште некои забавни елементи во искуството.

На пример, Австралијаниците кои обично работат подолго и се соочуваат со се поголеми трошоци и подолго време за патување од своите „врсници“ во Европа, се повеќе стануваат приемчиви за bleisure.

Патуваат за да спијат

Ова е уште еден тренд кој звучи необично, но на туристичката индустрија може да ѝ донесе големи приходи. И овој тренд веќе се случува.

Имено, некои луѓе не патуваат поради забава, храна и бањање, туку за да се наспијат.

Како и трендот пред него, и овој доживеал бум во текот на короната, и покрај разните блокади. Бројни хотели нудат и посебни пакети за љубителите на спиењето, како Хајат во Њујорк. Луксузниот Парк Хајат кој имат 5 ѕвезди, го отворил Bryte Restorative Sleep Suite, обемен апартман богат со состојки кои го поттикнуваат спиењето.

Rosewood Hotels & Resorts, пак отворил ланец на одморалишта „Алхемија на сонот “, осмислени за промовирање на туризмот. Тука е и лондонскиот Zedwell, како прв во тој град кој во февруари 2020 на гостите официјално им понудил изолирани соби во кои можат добро да се наспијат. Собите во овој хотел се нарекуваат и „комори“ и уредени се според начелата на фенг шуи.

Шведскиот произведувач на кревети, Hästens, лани во Португалија го отворил хотелот Hästens Sleep Spa, а во него има 15 соби.

Докторката Ребека Робнис, која се бави со истражување на спиењето, вели дека пандемијата го променила начинот на кој го доживуваме патувањето. Претходно сме го поврзувале со уживање, па макар и по цена на сонот, а сега луѓето приоритет им даваат на здравјето и благосостојбата.