Зошто Антикорупциска сеуште молчи?
Автор: Бобан Илијевски
Слушам вчера некои од владините функционери велат дека нема ништо спорно во тоа да се даде К-15 во јавната администрација, т.е. на 20,000 вработени во јавниот сектор на само два месеци пред избори. Јас мислам дека за тоа свое мислење треба да даде Комисијата за спречување на корупција или попозната како Антикорупциска која досега нема воопшто интервенирано ни покрај масовните предизборни вработувања во јавниот сектор. Имено, мојот личен став е дека во оваа цела работа има спорни елементи. Кои се тие елементи? Како прво, доколку зборуваме за јавната администрација, таа имаа 55,000 вработени, а со новиот колективен договор кој го потпишаа УПОЗ и Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, како што можевме да видиме по вчерашните објави на медиумите ќе важи само за 20,000 вработени во администрацијата. Каде се останатите 35,000 административци кои се чувствуваат дискриминирано поради фактот што нема да добијат К-15. Каде е тука целиот јавен сектор којшто има околу 132,000 вработени.
Размислете само колку државни работници ќе се разбеснат поради сето ова. Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК на протестите ширум државата постојано бараа К-15, но во јавниот сектор, со доуредување на Општиот колективен договор за јавен сектор којшто е потпишан во 2008 година од страна на КСС и Владата, како работодавач во јавниот сектор, а не преку потпишување на нов Грански колективен договор од кој само дел од вработените би имале бенефиции.
Вчера повторно СОНК излезе со истото барање, но реакција нема, туку само оправдувања за тоа дека ништо не било противзаконски и нерегуларно. Од Синдикатот на администрација и државна управа – САДУ завчера рекоа дека не може синдикат како УПОЗ кој има 4,000 членови да потпише колективен за 55,000 вработени во администрацијата. Колку само спорни елементи, нели? Каде е сега Државниот Инспекторат за труд да изврши надзор во незаконското потпишување на акт од ваква важност за државните работници или можеби некој им рекол „седи доле“, па како добри послушници тоа и го направиле.
Да се навратам уште еднаш на прославената Антикорупциска. Пред избори масовно се вработува во јавниот сектор, се разбира со цел да се добијат повеќе политички поени. Ова не е ништо ново, но овој пат е претерано. Од мој извор во КПУ Затвор – Скопје во Шутка добив информации дека масовно се вработувале кадри кои веднаш биле „местени“ на високи позиции во затворот. Истото се случува и во други државни институции, за што се огласи и САДУ кој вели дека оние коишто се масовно вработени според Законот за работни односи, без никаква стручна спрема, ниту положен испит, а притоа и без да имаат никакви обврски кон Законот за административни службеници, ги ставаат на раководни позиции. Каде е Антикорупциска да постапи на ова беззаконие? Каде е сето ова време, додека во јавниот сектор или јавната администрација се вработува масовно, а од друга страна велат има превработеност и мора да се направи реформа. Со вакви постапки нема да има реформа, туку „деформа“.
Моја цел е со оваа мое писание да укажам на спорните елементи на овој нелегитимен потег којшто го направија МИОА и УПОЗ кој мене, а и на многу други ни делува на предизборен поткуп. Јас сум критички настроен кон сите страни (поради тоа погоре споменав дека ова со предизборното вработување не е ништо ново) и сметам дека имам право да го искажам моето мислење. Мојата цел не е да наведувам на нешто, туку само да анализирам. А, вие драги мои читатели можете сами да процените дали моите тези „држат вода“. Едноставно не можам да премолчам кога знам дека нешто матно се прави, се со цел некој да искористи од сето тоа.
Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги одразува официјалните ставови на Порталот Работник
- По повеќе од две години опструкции, СОНК ја обнови репрезентативноста - 07/12/2024
- Мицкоски по состанокот на ЕСС: Очекувам наредната година да имаме раст кој ќе го почувствуваат граѓаните преку повеќе пари, подобри услови за бизнис и поефикасни услуги - 06/12/2024
- Во октомври зголемен бројот на слободни работни места во САД - 05/12/2024