Иако е забрането со Закон, на бремените работнички продолжуваат да им се даваат откази| ИНТЕРВЈУ
Новинар: Бобан М. Илијевски
По повод 8-ми март – Денот на жената, редакцијата на порталот Работник направи интервју со Кристина Недкова, правничка во Здружението за заштита на работничките права, „Гласен Текстилец“. Во текот на интервјуто разговаравме за родовата рамноправност, дискриминацијата на работничките, како и на други теми.
Работник: Се ближи Денот на жената – 8-ми март, па по тој повод би сакал од Вас мислење како би го оцениле статусот на работничките во Македонија во однос на родовата рамноправност?
Недкова: Во однос на жените работнички во Македонија, ние како Здружение за заштита на работничките права – Гласен Текстилец, од долгогодишната пракса која ја имаме како здружение би рекле дека сме имале случаи каде што на жени работнички им бил даден отказ поради бременост иако според Законот за работни односи е забрането работодавачот да го откаже договорот за вработување на бремена жена. Исто како и дека сѐ уште жените се помалку платени од мажите за иста работа. За жал, во 21 век, сѐ уште постои на родова дискриминација иако се бориме истата да биде искоренета.
Работник: Минатата година Работник објави текст за тоа дека дискриминацијата на жените е во голем дел застапена во Македонија, како при вработување, така и на работните места, притоа многу од нив не знаат сѐ уште да препознаат дискриминација. Како гледате на ова?
Недкова: Проблемот со дискриминацијата на работно место како и воопшто, сметаме дека треба да се види од аспект на самиот менталитет кој е всаден и кој преовладува кај луѓето кои живеат на Балканот, па и во нашата држава. Ако направиме детална анализа, можеме да заклучиме дека проблемот со дискриминцијата на жената и ставање во понеповолна положба од мажот, можеби се должи на менталитетот и обичајното право дека жената е понежниот пол и истата не може да работи секаде и на секое работно место. За жените работнички да бидат подетално запознаени со тоа што претставува дискриминација, дискриминација на работно место и слично, потребно е да посетуваат обуки, разни семинари и работилници поврзани за оваа тема. Ние низ годините имавме успешно застапување на институционално ниво за докажување на дискриминација како што беше случајот со Магдалена за кој вие како медиум проследивте. Мислам дека се зајакнува знаењето кај жените во врска со дискриминацијата на работно место, а тоа се забележува со зголемениот број на пријави до нас, како и успешните застапувања кои ги правиме до надлежните институции, Комисијата за заштита и спречување од дискриминација, како и она што го предлагаме во идниот Закон за работни односи, односно, системска заштита на жените на работното место од дискриминација но и мобинг.
Работник: Кога сме кај дискриминацијата на жените, мора да се спомне една не толку актуелизирана тема како сексуалното вознемирување на работните места. Колку според Вашето искуство ваквиот вид на дискриминација е застапен? Имате ли примери каде што работнички Ви пријавувале вакви случаи? И како треба да пристапиме како држава кон решавањето на овој проблем?
Недкова: Од долгогодишната пракса која сме ја имале со разни проблеми на работниците од работен однос, ваков случај во нашето здружение досега не е пријавен. Ниедна работничка до сега ни нема пријавено ваков случај. Но за во иднина доколку се појават вакви случаи, работодавачите или претпоставените кои го прават овој вид на вознемирување истите треба да бидат најстрого казнети со повисоки казни.
Работник: Формиравте синдикат после многу години настапување како невладина организација која ги штити правата на најранливите работници, односно оние во приватниот сектор. Како синдикат, кои Ви се најважните цели?
Недкова: Целите на “Гласен Синдикат на работниците” се да им овозможи целосна заштита на работниците од приватниот сектор на кои им се загрозени и прекршени правата од работниот однос кои им следуваат по Законот за работните односи. Како граѓанска организација која е основана во Штип – градот на текстилот, беше мотивација плус зошто да биде основан синдикат од ваков тип кој гласно и храбро ќе се бори против секаков вид на дискриминација на работникот, како и зададените неправди од страна на правните лица во кои работат истите. Овој синдикат има за цел да ги заштити текстилните работници, а понатаму и сите останати кои се дел од приватниот сектор. Да биде дел од социјалниот дијалог на национално ниво, да биде дел од носење на закони и колективни договори кои треба конечно да бидат во корист на работниците, а не на капиталот.