НовостиСветот на работникот

ИЗВЕШТАЈ НА ЕК ЗА МАКЕДОНИЈА: ТРУДОВИОТ ИНСПЕКТОРАТ НЕМА ДОВОЛНО КАПАЦИТЕТИ, СОЦИЈАЛНИОТ ДИЈАЛОГ ВО ПРИВАТНИОТ СЕКТОР Е НА НИСКО НИВО

   Време за читање 5 минути

Според најновиот Извештај на Европската комисија за напредокот на држава, односно Поглавјето 19 – Социјална политика и вработување, Македонија останува умерено подготвена во ова поле.

„Има мал напредок, во главно во контекст на намалувањето на невработеноста и зголемувањето на бенефитите за социјална помош. Гаранцијата за млади беше успешно имплементирана во земјата. Негативните влијанија на енергетската криза беа неутрализирани со помош на продолжувањето на мерките за социјална заштита преку кои не се дозволи да се зголеми сиромаштијата“, стои во Извештајот на ЕК.

Понатаму се наведува дека минатогодишните препораки биле половично имплементирани и се посочуваат некои од нив кои Комисијата препорачува да се исполнат во текот на претстојната година. Тие се:

  • продолжување со имплементацијата на Гаранцијата за млади, како и активирање на мерки за ранливите групи и поставување на систем за правилна евалуација на мерките;
  • зголемување на капацитетот на Државниот инспекторат за труд за подобро да се адресираат проблемите поврзани со безбедноста и здравјето при работа; да се развие систем за следење и мониторирање на повредите и смртните случаи на работно место и да се продолжи да се засилува бипартитниот социјален дијалог (дијалогот помеѓу работниците и работодавачите) фокусирајќи се на колективното преговарање и зајакнувањето на улогата и активноста на социјалните партнери во приватниот сектор;
  • да се финализира поставувањето на мониторинг системот, да се обезбеди правилна евалуација на социјалните услуги и да се продолжат реформите за социјална заштита со акцент на активирање на вработувањата.

Во Извештајот, кога станува збор за трудовата легислатива во Македонија, се наведува дека капацитетот да се имплементираат трудови политики и легислативи не се зголемил, како и дека било забележано намалување на бројот на вработени во институциите кои треба да се грижат за спроведување на оваа легислатива.

„Капацитетот на Државниот инспекторат за труд (ДИТ) е недоволен како и минатата година. Годишноот план за индивидуалниот професионален развој на трудовите инспектори е во тек, но потребно е да се зголемува капацитетот, особено во полето на безбедност и здравје при работа“, стои во Извештајот на ЕК.

Во однос на безбедноста и здравјето при работа, Европската комисија констатира дека Стратегијата за безбедност и здравје при работа (2021-2025) и акцискиот план (2021-2023) остануваат валидни. Сепак, главен предизвик останува неадекватното спроведување на одредбите од постоечкиот Закон за безбедност и здравје при работа. Познавањето на правата и обврските на работодавачите и работници за безбедноста и здравјето при работа остануваат лимитирани, додека капацитетите на ДИТ треба да продолжат да се зголемуваат.

На полето на социјалниот дијалог, ЕК оценува дека социјалните партнери имале конструктивен трипартитен социјален дијалог (дијалог помеѓу Владата, работниците и работодавачите) и на национално и на локално ниво. Нивото на нивната вклученост во креирањето на политики и промена на истите е неконзистентно, што претставува значаен предизвик.

„Бипартитниот социјален дијалог продолжува да се соочува со предизвици поради слабото усвојување и спроведување на колективните договори што влијае на правата на работниците и сигурноста на работните места. Мерките за охрабрување на колективното преговарање и зајакнување на улогата на социјалните партнери во приватниот сектор не се доволни“, се вели во Извештајот.

Се додава дека целокупната имплементација на Законот за мирно решавање на работните спорови останува слаба, бидејќи забележани се само пет случаи на мирно решавање на работни спорови во 2022 година.

„Севкупно, се бара зајакнување на социјалниот дијалог и промовирање на колективните преговори и во јавниот и во приватниот сектор, вклучително и од страна на надлежните институции“, се додава во Извештајот.

Во однос на политиките за вработување, Европската комисија забележува дека активните мерки за вработување и засилената Шема за Гаранција на млади моментално не се доволно мониторирани, оценувани и проценувани и дека Агенцијата за вработување нема доволно човечки капацитети.

Што се однесува до не-дискриминацијата во работните односи и социјалната политика, ЕК оценува дека Законот за промовирање и заштита против дискриминација треба целосно да се усогласи со анти-дискриминирачките одредби на Европската унија.

Европската комисија забележува дека родовиот јаз на пазарот на труд останува, со тоа што стапката на вработеност на мажите е уште повисока од таа на жените. Исто така, жените се помалку активни на пазарот на трудот од мажите. Во Извештајот се наведува дека се‘ уште не постојат податоци и систем за мониторирање на сексуалното вознемирување на работно место. Направен е мал напредок со усвојувањето Програмата за социјална заштита на жените во земјоделието во 2023 година, со која им се овозможи на „индивидуалните осигурани фармери“, за прв пат, да добијат бенефити за породилно отсуство.

 

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера