ЕкономијаСветСветот на работникот

Изгубени околу 300 милиони работни места на глобално ниво

Изгубени околу 300 милиони - Работник
149views

Економските ограничувања во борбата против коронавирусот ширум светот довеле до загуба на 300 милиони работни места, проценува Меѓународната организација на трудот.

Посебно се погодени младите луѓе, а пред се жените.

МОТ проценува дека поради пандемијата во вториот квартал од оваа година ќе бидат загубени речиси 11 отсто од работните часови ширум светот. Тоа се 305 милиони работни места на полно работно време, се наведува во актуелниот извештај под наслов „Ковид – 19 и пазарот на трудот“ кој МОТ го претставил во Женева.

Од кризата особено се погодени младите помеѓу 15 и 24 години. Нив не им било лесно ниту пред пандемијата: невработеноста во оваа старосна група е натпросечно висока, а многумина работат за малку пари, без договори и социјална сигурност, често на локалните пазари или во услужните дејности. „Овие млади луѓе ќе бидат погодени побрзо и потешко од другите“, вели Гај Рајдер, генерален директор на МОТ. И оние кои сеуште имаат работа, изгубиле четвртина од своите работни часови.

Меѓународната организација на трудот наведува дека младите луѓе се трипати повеќе погодени од кризата. Тие ги губат своите работни места, нивното образование или понатамошно усовршување им е прекинато или отежнато, а за оние кои сега завршуваат и бараат работа – работа нема.

Изгубена генерација?

„Сите истражувања го покажуваат следново: доколку луѓето на почетокот од својот професионален живот не можат да работат долго, тоа често предизвикува последици кои траат со децении“, вели Рајдер за Дојче Веле. „Тие никогаш тоа не го надополнуваат и никогаш повеќе не наоѓаат нормално професионално усовршување. Поради тоа сега постои опасност од локдаун (затворена) генерација“, вели Рајдер.

Младите жени, како што вели, се особено тешко погодени, бидејќи тие често работат во угосителството или во трговијата. „Тие и пред пандемијата беа запоставувани, а сега нивната ситуација е особено опасна“, вели Рајдер. За да се намали штетата и да се спречи да една цела генерација долгорочно не расте запоставена, МОТ бара од владите да делуваат „брзо и долгорочно“.

„Се соочуваме со огромен социјален ризик доколку во обновата по пандемијата не се погрижиме за овие млади луѓе“, вели Рајдер и објаснува дека тоа би можело да се изведе низ некои форми на специјални програми за образование или преку давање гаранција за работни места.

Ќе биде поскапо

Прашање е само кој се би требало ова да го плати. Откако многу земји со цел да ја надминат кризата многу се задолжиле, во Европската унија сега се расправа за пакет за поттикнување на економијата во висина од 750 милијарди евра.

Меѓу земјите во кои коронавирусот моментално брзо се шири се држави со значајно ограничени средства, како земјите на Латинска Америка. Ситуацијата би можела дополнително да се влоши доколку бројот на заразени се зголеми и во Африка.

Особено е опасно за Африка

„Шест од десет луѓе на светот заработуваат за живот на црниот пазар на труд“, вели Рајдер. „Во Африка, јужно од Сахара дури девет од десет луѓе, па и повеќе заработуваат на црно“.

Ако економскиот живот поради пандемијата запре, тоа за многумина би можело да биде опасно по нивните животи живот. „Карактеристиката на меѓународната реакција на оваа криза досега беше недостаток на солидарност и помош“, вели Рајдер. Додава дека тоа би морало да се промени, бидејќи во прашање се животите на стотици милиони луѓе.

Тежок биланс

МОТ укажува и на значањето на опсежни тестирања на коронавирусот и следење на ланецот на инфекција. Ако на тој план се направи доволно, тогаш ќе биде потребна помала изолација и забрана на движењето, а со тоа ќе се заштити и пазарот на трудот, вели Рајдер. Азиските земји како Тајван и Јужна Кореја на тој начин успеале да ја ограничат заразата, без потполно да го прекинат работењето во многу стопански гранки.

За крај, шефот на МОТ, Рајдер смета дека Германија во борбата против коронавирусот не реагирала претерано, ниту дека наштетила непотребно на својата економија. Напротив, „верувам дека Германија се на се успеала да ја одржи рамнотежата“, заклучува Гај Рајдер.