ИЗРАБОТУВАМЕ НОВА МЕТОДОЛОГИЈА ПРЕКУ КОЈА ЌЕ ГО ДОЗНАЕМЕ СТАТУСОТ НА МЕДИУМСКИТЕ РАБОТНИЦИ – Интервју со Претседателот на ССНМ

Синдикалното организирање е еден многу важен сегмент за сите работници, вклучувајќи ги тука и новинарите и медиумските работници. На прашања повразни токму со синдикалното организирање, неговите заложби како Претседател на синдикатот, колективното преговарање… во денешното интервју разговараме со Павле Беловски, Претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници. Со него разговараше Бобан Илијевски.

Работник: Долго време сте дел од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници. Што ве поттикна да ја преземете улогата на претседател во синдикатот?

Беловски: Јас кога решив да станам новинар, сметав дека никој подобро од мене не може да зборува за состојбата во која јас се наоѓам. Иако ова звучи егоцентрично, не е така, ако тоа се работи системски, односно преку членски организации. Кога одлучував дали да се занимавам со етиката, надградбата, професионализацијата на нашата фела или онаму каде што е најпотребно да бидам, а тоа е темелот – социо-економскиот статус на медиумските работници, јас се одлучив за второто. Причината за тоа е бидејќи во тој дел сме покревки и поранливи и немаме темел за да можеме да зборуваме за безбедност, професионализација, етички стандарди, кодекси итн. Нешто што, можеби, последниве децении го имаме подобро сработено, така што две години се подготвував – ја изучував материјата, бидејќи ова е премногу сериозен предизвик.

Освен што се занимаваме со поединечната судбина на работното место на секој наш член и вработен во нашата индустрија, втората димензија на ССНМ е предлагање на најдобри решенија, на база на тоа претходните искуства кои сме го стекнале како аномалија, да ги испорачаме како решение. Станува збор за многу одговорна задача која ја извршувам полна втора година, иако претходно како член на Извршниот одбор, се подготвував и навлегував во проблематиката.  Ова не се политички функции каде што може некој однадвор да дојде, да ги узурпира и да ја ужива довербата. Бара макотрпна работа, одлично познавање на состојбите и постојано да сме во тек со сѐ што се случува на нашите работни места, во регионот, па и во светот.

Работник: Колку е тешко да се биде Претседател на ССНМ, имајќи во предвид дека синдикалното движење во медиумскиот сектор сѐ уште се развива?

Беловски: Кога одговарав на ова прашање често почнував од крајот, односно од последиците со кои се соочуваме. Сега би сакал да го опфатиме и контекстот. Пред 32 години, ние излеговме од еден политички систем кој на сите ни е добро познат. Прво што направивме беше трансформација на капиталот, од државен во приватен. Медиумите се наоѓаа во делот на државната сопственост, меѓутоа професијата и новинарите беа подобро третирани, платите беа повисоки, затоа што новинарството се третираше и како општо добро и како општо-корисна професија.

Откако влеговме во оваа транзиција која сѐ уште трае, односно откако капиталот стана приватен, си дадовме заложби, си ветивме дека ќе изградиме медиумски систем кој ќе почива на здрави стратегии, државни и акциски планови, со сите чинители вклучени во тој процес и ќе понудиме законски решенија. Ние во последниве 32 години имаме два и пол закони. За да биде појасно што зборувам – ние го имаме Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, Законот за медиуми и Законот за работни односи. Ова се трите хартии кои јас пред два – три дена ги искинав на Конференција на ОБСЕ, каде што говорев за социо-економските состојби на медиумските работници. Зошто? Затоа што во Законот за работни односи нас, како фела, не третираат само осум членови, односно само основните членови кои се однесуваат на засновање работен однос, дополнителни платени часови работа, прекин на работен однос итн. Законот за аудио и аудиовизуелни услуги воопшто не нѐ ни препознава. Истиот се однесува на тоа како се основа медиум (како можат радиодифузерите да добијат лиценци)  и на сопствениците кои сакаат да отворат или имаат медиум. Законот за медиуми остана четиво кое требаше да биде филозофијата на нашата професија, односно таму требаше да ги инкорпорираме постулатите, термините и содржината на нашата професија. Од 2013/14 имаше мали измени. Од тогаш немаме ништо направено.

Сега првпат имаме можност да го менуваме Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, имаме некои идеи, но за тоа понатаму.  Е сега, сите овие 32 години ние живееме во неизвесност – зборуваме за слободата на нашата професија – притоа забораваме дека не можеме да имаме слободни новинари, ако немаме заштитени работни позиции, односно ако немаме квалитетни работни места. Најтешко е да се биде претседател на синдикат на новинари во таков контекст, затоа што вработените во нашата професија, сѐ уште поаѓаат од чувството на страв. Кога велам чувството на страв – тоа е комбинација од незнаење и страв од губење на работното место. Првото е затоа што никој до формирањето на синдикатот пред 13 години, не се занимавал да им објасни на вработените кои партиципираат во нашата индустрија со што се соочуваат – кои се нивните права, а кои се нивните обврски. А уште помалку некој се занимавал со уредување на таа проблематика. Второто е стравот од губење на работното место, а ова го темелам на следните факти: Според нашето последно истражување, 44 % од работните места се засновани со договори на определено време и ние сега треба да зборуваме за солидарност и здружување, за синдикат и барање на работничките права, кога без малку секој втор медиумски работник има ограничено време на своето работно место, односно траење на договорот. Ние не мора да зборуваме за откази, доволно е работодавецот да почека да му истече договорот и да не му го продолжи, што и често се случува. Од друга страна, имаме договори на определено кои Законот за работни односи наложува да се трансформираат во рок од пет години, со тоа што истиот дозволува да бидеш префрлен на друга работна позиција и одново почнуваат да течат тие пет години. Ние наши колеги испративме во пензија во оваа околност или преку оваа законска дупка.

Затоа не постои потешко менаџирање на состојби, каде што немаме цврсто и строго уредени односи. Кога зборувам за односи – ние не очекуваме нешто посебно, бараме да се најдеме на средина со работодавците и ние да понудиме обврски, тие да се согласат на некои наши барања и процесот да тече, а ние да бидеме на средина, во заемен однос.

Работник: Како напредува синдикалното организирање во медиумите? Дали се движи во нагорна линија?

Беловски: Пред 13 години, нашите повозрасни колеги ја сфатија потребата дека во македонскиот медиумски сектор нема организација која ќе ги штити исклучително социо – економските состојби на медиумскиот работник. Го имавме Здружението на новинарите, меѓутоа немавме кој да води социјален дијалог, како што е утврдено во Законот за работни односи, односно не можеше да се помисли да се разговара за колективен договор или да се учествува во работна група на измените на овој Закон. Им благодарам на моите колеги, на моите претходници, на оние од кои ја наследивме синдикалната борба, што ја препознале потребата пред 13 години и го основале синдикатот. Синдикатот е толку видоизменет, што ние не можеме да зборуваме за истиот ССНМ пред 13 години и денес. Тогаш синдикатот броеше една мала група луѓе кои дел од нив скришно членуваа во синдикатот. Не го зборувам ова со гордост ниту сакам да ги нападнам колегите од тоа време – тогаш констелациите биле сосема поинакви, и на крајот на денот, солидарноста и здруженото организирање не дозволува критика и кудење.

Сега синдикатот брои 400 членови на доброволна основа. Никој од нашите членови, не е ни по една основа убеден, принуден или е извршено влијание врз него да биде дел од оваа организација. Во оваа организација веќе партиципираат освестени медиумски работници. Кога велам освестени, мислам сакаат да се запознаат со правата кои им следуваат и сакаат да понудат решенија за унапредување на состојбите во кои се наоѓаме. Синдикатот ферментираше во една, можам да кажам, од главните членски организации. Не нѐ има многу, меѓутоа нашата цел, во наредните неколку години, е да бидеме најмоќната членска организација, како што доликува и како што им припаѓа на вработените во новинарството.

Работник: Каква е состојбата во медиумите и дали имате податоци  за тоа колку вкупно има медиумски работници во Македонија?

Беловски: Ние пред 13 години немавме синдикат. До пред извесен период, ние не знаевме кои сме и каде сме. Нашиот најголем пораз е што, не само што не се здружувавме, туку ние се екскуминициравме по сите основи, влеговме во ровови и „завојувавме“ едни против други, потпаднавме под „раздели па владеј“ политиките на сопствениците на медиумите, и државните и приватните. Ние имавме дводецениски период на поделби. Победата над нашиот непријател – оној кој не нѐ сака силни, здружени и освестени работници е да не знае кои сме и каде сме и без малку успеаја во тоа. За среќа, целата енергија, сите капацитети на синдикатот кој има веќе сериозна канцеларија, со искусни луѓе на позиции внатре, си дадовме збор дека ќе изработиме методологија која ќе биде еден од најважните документи во историјата на нашата професија. Веќе работиме на неа, а еве тука ќе откријам и дел од неа. Според таа методологија ќе се мапираме еднаш засекогаш.

Што значи тоа?

До крајот на септември треба да изготвиме документ, односно истражување, темелно, со сериозна сондажа за тоа кој поседува медиуми? Кои медиуми? Каков тип на медиуми? На каква лиценца подлежат? Онлајн медиумите – кој работи во тие онлајн медиуми? Колку новинари, а колку медиумски работници? Со каков степен на образование? Со колкави плати? На која возраст? Родова припадност… Во однос на тој документ, ние планираме од септември веќе да ги градиме сите медиумски политики во нашата земја. Тоа ќе биде нашата магна карта. Едвај чекам да го добиеме тој документ, затоа што со тоа парче хартија кое ќе биде обемно, ќе можеме еднаш засекогаш да речеме ова сме ние, ова го имаме, ова ни недостига.

Инаку, претпоставките се дека во Македонија има околу 2,500 медиумски работници. Голем корпус отпаѓа на вработените во Јавниот сервис. Но, она што не загрижува се вработените во онлајн медиумите. За нив ништо не знаеме. Јас велам работат пожртвувано, прекувремено, од некои канцеларии, станови, како и да ги наречеме, да бидеме до некаде вулгарни, и подруми, а тоа се колеги кои не го заслужуваат тоа. Мислам дека веќе треба таму да го ставаме фокусот. Да не заборавиме, ние досега зборуваме за фриленсерите, а каде се онлајн медиумските работници? Мораме што поскоро да го добиеме тој документ, за да можеме да изготвуваме планови за во иднина.

Работник: Зошто, според Вас, работодавачите во медиумскиот сектор не сакаат да се организираат во организација на работодавачи, за да може да се потпише Колективен договор на ниво на сектор со кој би се уредиле и платите?

Беловски: Колективните договори се една од најакутните теми, за која се зборуваше и на конференција на ОБСЕ, а за таа тема одам и во Данска, во Копенхаген итн. Тоа е нешто за што светот зборува, го работи и дава резултати. Ајде вака, како што на нашите членови, вработените не им е јасно што е колективен договор, така не им е јасно и ни на нашите работодавци.

Еве ќе почнам од една догма – им нудам подадена рака на работодавците во медиумскиот сектор дека во колективниот договор ќе наведеме минимална плата. Само минимална плата. Но понатаму ќе одиме по сектор. На пример во режија, каде вработените се изложени на радијација ќе им се додаде уште 15 % на плата. На теренските новинари за ризик и плус осигурување – 30 %. На тој начин, еднаш засекогаш ќе ги формираме платите онака како што заслужуваат, а не како што вика државата дека треба да ги земаме. Јас сум многу нервозен веќе – еве ако толку се плашат, во колективниот договор ќе пишеме минимална плата. Меѓутоа, ќе направиме толку добра сегрегација на работните места и навистина ќе почнеме да ги почитуваме нашите колеги на одредени позиции. Ќе ги опишеме нашите работни обврски и тежината на работните места и така ќе бидат формирани платите. Доста е веќе. Сме се фатиле со минималната, просечната, средната, горната…Не луѓе, ние мораме да знаеме што работиме. Да знаеме колку вреди нашиот труд! Јас не знам колку вреди мојот труд! Јас добивам произволно плата. А во колективните договори точно ќе наведеме дека тој и тој извршувајќи ја таа и таа работна задача на таа и таа позиција по основ на пет плус пет плус седум плус девет плус дванаесет проценти од основицата, ќе има вкупно 86 %. Со тоа што ќе има друг член во колективниот договор дека секоја година платите ќе се усогласуваат со стапката на инфлација. Колективниот договор, да знае публиката, е бел лист хартија на која од едната страна работодавачот може да каже сакам овој процес на работа да го уредиме најдобро што може. На пример, кои се обврските на камерманот во студио и како синдикат ќе седнеме да преговараме. И точно ќе се знаат неговите обврски, а ние од другата страна ќе наведеме како да се формира неговата плата.

Ми велат дека сум досаден поради тоа што постојано зборувам за колективен договор, но јас сум упорен, затоа што не сметам на друга алтернатива за тоа како можеме да дојдеме до достоинствена професија, освен преку колективен договор. Ако не победам во ова, ќе го укинам моето постоење како Претседател во Централен регистар, како да никогаш не сум бил. Колективната меморија би ја избришал да можам, затоа што јас не верувам во друга победа.

Разговарам со целиот свет на ова прашање и одам на консултации во Данска, каде што нивниот синдикат има потпишано преку 40 колективни договори, а имаат само еден приватен радиодифузер. Ние имаме 24. Имаат еден, а имаат 40 секторски колективни договори – сектор монтажа има потпишано колективен договор. Теренските новинари имаат потпишано посебен колективен договор… Знаеш, можеби како некоја замислена крајна победа и нас ни треба колективен договор на ниво на гранка, но не мора. Толку брзо мутираат состојбите, толку брзо се дигитализираме, што јас веќе не верувам во општ колективен договор. Мислам дека треба да потпишуваме поединечни, затоа што истиот не би важел за различните состојби и формати на медиуми.

Фото: ССНМ

 

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера -
- Labor Relations, HR, and Career Journalist

Бобан Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера - - Labor Relations, HR, and Career Journalist

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *