НовостиПравда

„Имаме напредок, на добар пат сме да воспоставиме родова еднаквост во државата“, смета Тренчевска

   Време за читање 4 минути

Имаме напредок, на добар пат сме да воспоставиме родова еднаквост во државата. Ова, меѓу другото, го истакна денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на промоцијата на Индексот на родова еднаквост во Северна Македонија 2022, во организација на Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Канцеларијата на „UN Woman“ во Скопје. 

– Статистичката обработка на податоците покажува дека имаме напредок. Напредокот можеби е незначителен, мал, не е она што го очекуваме, но немаме минус, имаме плус. И тоа значи дека сме на добар пат за да воспоставиме родова еднаквост во државата, да им овозможиме на сите девојчиња и момчиња, на сите жени и сите мажи, да ги уживаат своите права во сите области на општественото живеење. Во одредени области имаме голем успех. Во некои имаме мал, незначителен. Но сепак, се што е резултат и води кон плус, а не во минус, значи дека добро сме ги поставиле целите. Треба така да продолжиме и следниот индекс што ќе го мериме да ни даде многу подобри резултати, рече Тренчевска.

Таа потсети дека една од најголемите придобивки на современата демократија и современото општествено живеење е уживањето на еднаквите права и можности за сите граѓани во државата. 

– Во таа насока е и прашањето за родовата еднаквост на кое како држава посветуваме особено внимание. Статусот на жената во македонското општество има потреба од постојано унапредување кое ќе дава реални резултати на терен. Така налагаат реалните потреби на жените, но тоа е и нашата насока на работа водејќи се по меѓународните стандарди, рече Тренчевска. 

Индексот на родовата еднаквост е клучен индикатор за мерење на родовата еднаквост врз основа на кој во иднина ќе се развиваат мерки и политики за намалување на нееднаквоста во сите области на живеење. Северна Македонија е втората земја надвор од Европската унија која го пресметува Индексот на родова еднаквост по втор пат. Станува збор за инструмент за мерење на родовата еднаквост на ниво на Европската унија со кој се мери родовата еднаквост во шест домени (работа, пари, знаење, време, моќ и здравје) и два придружни домени (интерсекциски нееднаквости и насилство).

– Воведувањето на Индексот за родова еднаквост е значајна заложба на надлежните институции во земјата за проширување на достапните мерни инструменти и алатки за следење на родовата еднаквост како основа за развивање на соодветни политики и мерки за унапредување на родовата еднаквост во земјата, рече Тренчевска. 

Според директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, родовата перспектива во последнава деценија станува приоритетна област во сите сфери на општеството.

– Токму затоа проектите од овој тип се исклучително важни за подигнување на свеста за важноста на родовата еднаквост и за градење на мрежа и поврзување на институциите, кои треба да ја имплементираат и спроведуваат оваа родова перспектива во своето секојдневно работење, посочи Симовски.

Според Ивона Паунович Бишевац, национална координаторка на програмата за РОБ, од UN Women во Северна Македонија, индексот на родовата еднаквост не е само грубо рангирање.

– Тој овозможува да се процени што е тоа што води кон напредок и што би можело подобро да се направи. Индексот е можност да се следи прогресот и трендовите низ годините, но и да се направи една компаративна слика, каде сме во поглед на другите земји во Европската Унија и нашиот регион, истакна Бишевац.