ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Има компании кои прават големи профити, а на работниците не им даваат поголеми плати, тоа ги демотивира луѓето

   Време за читање 6 минути

Недостигот на работна сила ќе продолжи и оваа година да биде хроничен проблем на бизнис секторот.

Македонскиот приватен сектор со години наназад го мачи големиот со недостиг на работници во повеќе дејности (угостителство, градежништво, занаетчиство…) Ова може многу лесно да се утврди, пред сѐ, по огласите за вработување на веб страните кои се за таа намена, каде компаниите по неколку пати ги објавуваат огласите за истите работни позиции. Некои од нив отидоа чекор понатаму, па започнаа огласите да ги објавуваат и на билборди.

Претседателот на Собранието на Организација на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров за Работник вели дека проблемот со немањето на неквалификувана и несоодветна работна сила ќе продолжи и наредните години. Според него, фактот дека во АВРМ се пријавуваат околу 117,000 лица кои бараат работа, а приватниот сектор има недостиг од околу 10,000 работници е загрижувачки.

Проблемот произлегува од неадекватната понуда на работна сила. Околу 46 % од оние кои се евидентирани како невработени се без никакво образование или со основно образование. Од останатите, 44 % се со тригодишно или четиригодишно средно образование, а само 8,3 % се со вишо или високо образование.

Списокот со невработени

Голем проблем е и списокот на невработени во Агенцијата за вработување каде сѐ уште како невработени се евидентираат лица кои заминале од земјава, оние кои работат на црно и оние кои не ја прифаќаат понудената работат. Димитров смета дека сѐ додека не се прочисти списокот на невработени и не се отстранат овие лица, само ќе се залажуваме дека имаме невработени.

Затоа ни се потребни реформи во социјалната политика и политиката на вработување. По принципот на останатите економии, ќе биде потребно лицата кои два или три пати ја одбиваат понудената работа да се тргнат од списокот за социјална помош, рече Димитров.

Со оглед на тоа дека работната сила е двигател на економијата, на приватниот сектор му претстои лоша судбина доколку не се најде кадар. Недостигот на работна сила значи и голем недостиг на средства во фондовите за здравствено и пензиско осигурување и намалување на потенцијалот за финансирање на државната администрација.  

Еднаш во изјава за порталот Работник, Зоран Кочоски од Агенцијата за посредување при вработување во странство „Коузон“, рече дека процентот на реалните активни баратели на работни позиции преку Агенцијата за вработување е само дел и изнесува 10 % од евидентираната бројка која во моментот е објавена преку оваа агенција.

Во изјава за друг медиум, тој посочи и дека ако се земат предвид огласите за вработување на веб страните, на Македонија и недостигаат до 50,000 работници. 40,000 повеќе од процените на бизнис секторот кој, како што наведе Димитров на почетокот, изнесуваат 10,000 работници.

Инаку во Македонија има 48,000 неактивни лица кои земаат социјални бенефиции и социјална помош. На колку од нив реално им е потребна истата, нема информации.

Според докторот по економски науки, Кирил Миноски за да се започне да се работи на решавање на недостигот на работна сила, треба прво да се видат човечките ресурси кои ги имаме на располагање.

Сите развиени држави прават соодветни анкети на работна сила. Врз основа на тие анкети се утврдува каков вид на профили на луѓе ни се неопходни на пазарот на трудот и за каков вид на кадри постои недостиг. И потоа се интервенира преку т.н. активни мерки за пазар на труд. Тоа значи програми за преквалификација, доквалификација, за да се искористи расположливата работна сила, без да се размислува во насока на увоз на работна сила. Значи, најнапред треба да се види со што ние располагаме како држава, затоа што Македонија се‘ уште има висока стапка на невработеност, рече Миноски.

Голем дел од луѓето коишто ги нема во државата, вели тој, извршуваат сезонски работи надвор од неа, па треба да се разгледа и прашањето зошто работат како сезонски работници во други држави, а не перманентно во сектори во Македонија, каде што постои недостиг на работна сила. Неоходно е да се направи системски пристап во интервенциите на пазарот на труд, бидејќи неусогласеноста е последица на тоа.

На долг рок, треба планирање на образовни програми, усогласување и менување на курикулуми, вели Миноски.

Според него, треба да се види и зошто продуктивноста е мала, па не растат платите, бидејќи работниците заминуваат да работат во други држави поради ниските плати.

Треба да се види дали намалената продуктивност се должи на застарена технологија или на неквалификувана работна сила, односно работна сила којашто нема соодветни вештини. За да се зголеми продуктивноста треба да се интервенира паралелно во двата сегменти. Во поглед на технологијата треба да се види каков е пристапот до финансии, од каде да се обезбедат тие финансиски средства. Вториот сегмент е креирањето на квалификувана работна сила за да се зголеми продуктвноста. Меѓутоа, не може продуктивноста да се зголеми само со работна сила, без технологија, истакна Миноски.

Во рамките на социјалниот дијалог треба да се настапи стратешки, за да се види на кој начин да се влијае на растот на продуктивноста, рече Миноски и додаде дека има компании коишто имаат големи профити, меѓутоа платите на вработените им остануваат на исто ниво. Тоа влијае демотивирачки на луѓето, бидејќи имаме инфлација и намалување на нивото на реални плати и секој од нив пробува да најде начин како да преживее, рече тој.

Поради тоа што голем дел од работодавачите даваат минимална плата имаме ваков демографски егзодус. Ако се види структурата на потрошувачката кошничка во Македонија и во останатите земји, ќе се види дека кај нас учеството на елементарните работи како храна и облека е многу повисоко, отколку во другите земји, објасни Миноски и додаде дека луѓето од егзистенционални причини се иселуваат од државата.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера