Интервјуа

Вклучување на децата со попреченост во развојот: Интервју со Јасмина Трошанска – Специјален едукатор и рехабилитатор

Инклузирање на децата со попреченост во развојот - Работник
1.09Kviews

Со Предлог Законот за Основно образование се предвидува децата со попреченост во развојот да се инклузираат во редовните паралелки. Специјалниот едукатор и рехабилитатор, Јасмина Трошанска се согласува со инклузијата на децата со попреченост во развојот, но смета дека сите деца не можат да бидат инклузирани. Во продолжение следува целосното интервју:

Работник: Како е да се работи со деца кои имаат попреченост во развојот?

Како и секоја работа. Ако ја сакате работата која ја работите –  тогаш задоволството не изостанува. Некои сметаат дека работата со деца со попреченост е тешка. Но, јас ја гледам како голем предизвик каде тешко стигнувате до целта која ќе си ја поставите. Овде кога ќе ја достигнете таа цел задоволството е огромно бидејќи сте помогнале во искачувањето на ново скалило на детето со посебни потреби. Вие влијаете на неговиот развој и секој мал напредок за Вас е огромна радост. Ние што работиме со децата со посебни потреби немаме работно време, 24/7  размислуваме за нив, зборуваме за нив и каде и да одиме „со нас ги носиме“. Едноставно стануваат дел од нашиот живот и ние дел од нивното семејство. 

Работник: Кој е вашиот став во однос на платите на наставниците кои работат со децата со попреченост во развојот?

Платите на наставниците кај нас воопшто се мали. Наставниците имаат огромна улога во животот на децата, во иднината на државата и затоа сметам дека треба да имаат поголема плата, барем двојно. Кога работите со дете со посебни потреби вложувате многу, се вложувате себе си и треба да бидете соодветно платени.

Работник: Какви се условите за децата во училиштето Златен Сремец, каде што вие работите?

Условите во училиштето се добри. Секогаш може подобро. Во моментов го привршуваме проектот Increasing Competencies of Special Education Teachers for Teaching pupils with Autism Spectrum Disorders,  Еразмус проект со кој ја посетивме Велика Британија и посебни училишта, налик нашето. Ние би сакале да воведеме некои новини со цел да ги подобриме условите за работа со оваа категорија на попреченост, која е најмногубројна во нашето училиште. Ние ќе направиме се што е во наша моќ, но понекогаш потребно е и поддршка однадвор, од донатори и надлежни институции, која секогаш кога сме побарале, благодарение на отвореноста и кооперативноста на менаџментот, сме ја добиле.

Работник: Со новиот предлог Закон за Основно образование се предвидува инклузивност на децата со пречки во развојот, односно тие да учат во редовните училишта. Што мислите за оваа одредба?

Децате со посебни потреби се инклузираат во училиштата во последните 5 години интензивно. Сега тоа и законски ќе се дефинира. Секој од нас треба да се согласи дека тоа е во ред и дека нашето општество треба да еволуира, но, јас не се согласувам дека во моментов сите деца треба да се вклучат. Има деца кои имаат комбинирани потешкотии и се во состојба со која тешко се справуваат и самите деца и нивната околина. Доколку редовното училиште не одговори на потребите на детето и тоа не напредува, подобро е тоа дете да учи во посебни паралелки или во посебно училиште. Целта на образованието е децата да стекнат вештини кои ќе ги подготват за да станат корисни граѓани кои ќе работат и допринесуваат во општеството. Формата на образованието е неважна. Инклузијата не се однесува само на училитата туку сите заедно треба да создадеме инклузивно општество. Преку разни форми на образование и оспособување треба да ги максимизираме јаките страни на децата со посебни потреби. Одлуките треба да се носат внимателно и мудро, бидејќи од нив може да настрадаат тие за кои мислиме дека правиме најдобро-децата со посебни потреби.

Работник: Со истиот закон се предвидува сегашните специјални училишта да се претворат во ресурсни центри. Кој е вашиот став по оваа одредба?

Да, секако. Во моментов тече уште еден интернационален Ерамус + проект Autism Spectrum Disorders Empowering and Supporting Teachers (http://asd-east.org/) каде е вклучено училиштето со поддршка на НВО „Сина светулка“ (www.autism.mk ) и уште 7 организации од Велика Британија, Полска, Белгија и Хрватска. Преку овој проект дел од спец.едукатори и рехабилитатори ќе се подготват да бидат едукатори за предизвиците при вклучување на учениците со аутизам во редовни и посебни училишта. Ова е всушност подготовка за училиштето да биде ресурсен центар за инклузивно образование и да помага во овој процес. Но, исто така, бидеќи секое дете има право на образование посебното училиште ќе биде тука за секое дете кое има потешкотии да се вклучи во редовното образование. Поддршката на редовните училишта се случувала и низ годините наназад, но неформално. Посебните училишта треба да ги насочат своите визии кон инклузивното општество, преку воведување на современи методи за образование на учениците со посебни образовни потреби во својата пракса.