ЕкономијаМакедонијаНовости

ИНОФЕИТ и МАСИТ потпишаа меморандум за соработка

   Време за читање 2 минути

Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ денеска потпишаа меморандум за соработка со кој се овозможува компаниите преку Дигитален иновациски хаб (ДИХ) да воведат нови технолошки решенија, што ќе им ја олеснат работата, информираат од ИНОФЕИТ.

Меморандумот за соработка го потпишаа продеканот за финансии и соработка со стопанство на ФЕИТ и управител на ИНОФЕИТ, проф. д-р Владимир Атанасовски и претседателката на Управниот одбор на МАСИТ Анета Антова Пешева.

– ИНОФЕИТ е добитник на грант од ФИТР за подигнување на капацитетот како ДИХ и во рамките на тој проект првата активност е градење партнерска мрежа. Токму во тој контекст го потпишавме меморандумот со МАСИТ. Компаниите можат да тестираат пред да инвестираат користејќи модерни дигитални технологии со што се намалуваат трошоците за креирање нов производ, но и се забрзува процесот на комерцијализација на иновација, изјави Атанасовски.

Антова Пешева потенцираше дека со потпишувањето на Меморандумот се подигнува нивото на соработка помеѓу приватниот сектор и Академијата преку трансфер на знаења, технологии и иновации.

– Овој Меморандум е во однос на прашања од заеднички интерес кои се засноваат и се однесуваат на користење на научни, стручни, технички и просторни ресурси, насочени кон унапредување на образовните, истражувачките и применети теренски истражувачки активности од областа на електротехниката и информациските технологии, додаде таа.

Дигиталниот иновациски хаб (ДИХ) претставува иновативен центар за дигитални иновации и е one-stop shop каде со техничка експертиза и експериментирање им се помага на компаниите преку користење на дигиталните технологии да станат поконкурентни и да ги унапредат деловните или производните процеси, како и производите или услугите. ИНОФЕИТ е центар за трансфер на технологии и иновации на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, Факултет за електротехника и информациски технологии.