(ИНТЕРВЈУ) Кога ние ќе побараме сезонски работници, сите сакаат работа за преку цела година
Ексклузивно интервју на порталот Работник со Претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија – ХОТАМ Крсте Блажевски, во кое тој зборува за хотелиерството во ек на пандемија, одливот на кадри од државата, увозот на работна сила, како и на други теми.
Разговараше: Бобан Илијевски
Одливот бил отсекогаш присутен. Имаме и т.н. сезонски работници кои работат од мај, јуни до септември месец во околните туристички држави, како Хрватска, Црна Гора, а последните години и во Малта. Минатата година сите се вратија назад, како што налагаа прописите за пандемијата, но сега повторно државите се отвораат, а работниците желни за поголеми дневници одат да работат таму. Зошто е тоа така? Не е поради тоа што некој не сака да ги плати работниците или прави нешто обратно, туку продажната цена на производот кој се продава во Македонија, споредбено со Хрватска, Црна Гора, Малта итн, вели во интервјуто, Претседателот на ХОТАМ Крсте Блажевски.
Во продолжение целосното интервју:
Работник: Како го оценувате последниот јавен повик од страна на Владата за доделување на ваучери на хотелите? Колку овие ваучери ќе им помогнат на хотелите?
Блажевски: Се надеваме дека ова се првиот сет на ваучери и дека понатаму ќе има втор или трет сет на ваучери. Дали ќе помогнат тие 1,250 ваучери? Многу минимално. Тоа се некаде 250 илјади евра коишто нема да им стигнат на хотелите да ги платат трошоците за вработените. Ако гледаме дали е од голема помош, не е, и се надеваме дека ќе има втор или трет сет на мерки каде ќе се зголемат и ќе бидат некаде околу 700 илјади евра или повеќе. Минатата година имавме ваучери со помала вредност и беа искористени од 60 до 65 % на крајот на годината, што во превод значи дека тоа беа некаде околу 600 до 650 илјади евра. Оваа година не значи дека имаме некое подобрување, па ни треба помош, туку напротив треба уште поголема помош. Таа треба да биде, како што споменав, од 700 илјади евра па нагоре.
Работник: Дали според Вас ќе бидат потребни некакви други мерки за помош на хотелиерството од страна на државата, со оглед на тоа дека истото беше најмногу погодено од пандемијата со коронавирусот?
Блажевски: Секако. На хотелските комплекси, вклучувајќи ги и рестораните коишто исто така беа затворени поради пандемијата. Во шестиот сет на мерки хотелите и сместувачките капацитети беа исклучени од финансиската поддршка и мислам дека тоа е голема грешка. Владата оценува дека хотелите беа отворени. Да, но границите беа затворени и со тоа движењето беше лимитирано и во тој период немаше ниту еден процент окупираност на ноќевања, додека траеше пандемијата. Со оглед на тоа сметаме дека на хотелите и сите останати сместувачки капацитети, и тоа како им е потребна помош која треба да ги истурка од оваа година и да се влезе во следната година, кога штом ќе закрепнат, ќе можат да ги зачуваат сите вработени и да започнат да нудат нови понуди на пазарот.
Се надеваме дека гранците за странските гости ќе се отворат, со оглед на тоа дека поголемите хотели во Македонија работат над 70 % и нагоре со странски гости. Доколку се осврнеме само на домашните гости, ние немаме доволно приходи, за да опстанеме и да имаме позитивни резултати. Оваа година, исто така како и минатата, не е воопшто различна од неа, затоа што и минатата година сезоната започна во јуни месец, со оглед на тоа дека јануари и февруари се работеа минатата година. Оваа година се уште не е почната сезоната и сме уште со домашните гости, а странските се малубројни. Се надеваме дека во текот на јули месец ќе се отворат границите. Ние пред неколку недели излеговме од црвена зона и мислам дека деновиве ќе преминеме на зелена зона, а тоа значи дека безбедно е слободно да се патува во државата. Но со оглед на тоа дека тие тур – оператори треба да ги продадат местата и да отпочнат со носење на нови гости, тоа би траело неколку недели и некаде јули и август би отпочнала сезоната. Но, ако кажеме јули, тоа се веќе шест месеци поминати од годината, во кои имаме огромни трошоци. И тие шест месеци ги поминавме со минимални приходи. Немаше ноќевања, рестораните беа полупразни, свадби немаше. Тие сега се одобрија, со протоколи кои според нашите стандарди се една третина од нашите капацитети. Зошто го кажувам ова? Бидејќи една свадба од 100 гости може да ги задоволи потребите во Словенија и други држави, каде што бројката на гости е од 30 до 50. Во Македонија правиме родендени со 100 гости, а за свадбите се многу повеќе, од 250 па нагоре. И тука сме малку хендикепирани, приходите нема да бидат исти како од минатите години и кога ќе го собереме сето тоа на крајот на годината, хотелиерството ќе биде во голем минус, заради тоа баравме да бидат помогнати од сите сета на мерки од Владата.
Работник: Бројот на вработените во хотелиерството е драстично намален. Дел поради преминување на вработените во други сектори, а дел поради одлив на работна сила надвор од Македонија. Како според Вас би требало да се реши проблемот со работната сила во хотелиерството?
Блажевски: Со оглед на тоа дека сме кратки во овој сектор со вработени и со оглед на тоа дека училиштата имаат се помалку деца коишто се запишуваат на вакви струки и се помалку избираат угостителството да им биде професија во текот на животот, потребно е да има малку повеќе маркетинг, да се субвенционираат учениците од страна на Владата, ако сакаме секторот да оди напред и да остварува приходи во државата. Приходите од туризмот во сите држави се многу добредојдени. Тоа е исто како да е направен извоз надвор од државите. Странските гости кои доаѓаат тука го плаќаат извозното вино многу повеќе, а ние го продаваме на големо и на мало. Тука се продава шише по шише и се многу поголеми бенефитите, од продажбата на цел контингент некаде надвор.
Треба да се размисли и да се направи една стратегија колку млад кадар е потребен во оваа индустрија и врз основа на тоа да е подготви кадар. Имаше некои напори изминатава година од Министерката за образование, но ќе треба да ги видиме резултатите коишто ќе ги даде во оваа индустрија.
Од друга страна, одливот бил отсекогаш присутен. Имаме и т.н. сезонски работници кои работат од мај, јуни до септември месец во околните туристички држави, како Хрватска, Црна Гора, а последните години и во Малта. Минатата година сите се вратија назад, како што налагаа прописите за пандемијата, но сега повторно државите се отвораат, а работниците желни за поголеми дневници одат да работат таму. Зошто е тоа така? Не е поради тоа што некој не сака да ги плати работниците или прави нешто обратно, туку продажната цена на производот кој се продава во Македонија, споредбено со Хрватска, Црна Гора, Малта итн. Прави огромна разлика. Во Македонија ако побараме сезонски работници, не можеме да најдеме, бидејќи сите бараат работа за цела година, со оглед на тоа дека сезоната е тука кратка, зборувам за туристичките места во Охридско – струшкиот регион, Дојран итн., каде што се повеќе барани сезонските работници. Обврзани сме во хотелите да правиме доградби, надградби, спа центри и базени, и сето тоа заради некои големи недоразбирања со законите, на којшто исто така треба да се направи една голема анализа и да видиме како можеме да понудиме повеќе од тие неколку месеци сезона, како би имале и повеќе работа за самите вработени.
Во хотелската индустрија, 30 % од обртот оди за плати, а остатокот е за покривање на другите трошоци. Е сега, кај нас ако земеме 30 % или 35 % за плата, а во некои места и до 40 % стига, а тоа значи дека ние не работиме рентабилно со нашите хотели, затоа што имаме огромен период каде што ние немаме гости или се сведуваат на помалку од 10 % окупираност или ако земеме на годишно ниво, нема ниту еден хотел што прави над 50 % окупираност. Значи, во сезона се прави до кај 45 % окупираност и тоа е тоа. Затоа хотелите во Хрватска или другите држави ги земаат само за три месеци. Работниците таму земаат некоја поголема плата. Истите можат да се движат до 1,000 евра. Не треба да се заборави дека во Македонија вработените се пријавени со 50 % за придонеси и сите давачки кон државата, со што плата од 300 евра станува плата од 450 евра.
Јас не верувам дека во околните земји келнерите и готвачите земаат четири пати поголема плата. Тоа може да се однесува на поголемите позиции. Исто така можеме да спомнеме дека едно спиење со појадок во Македонија чини 20 евра, а во Хрватска тоа исто спиење не може да се добие во истата таа категорија, туку е добива за 70 или повеќе евра.
Работник: Дали хотелиерите размислуваат за увезување на работна сила? Што мислите околу ова?
Блажевски: Ние го баравме ова многу одамна. Ќе кажам само еден пример. Ако одите во соседна Бугарија, ќе видите дека има реклама од Лесковачка скара. Тоа не значи дека бугарската скара не е добра, но не е толку маркетиншки позната надвор и тие рекламираат Лесковачка скара. Земаат скараџии од Србија и продаваат Лесковачка скара во Бугарија. Кај нас се многу комплицирани законите за носење на странски работници, и за повисоките и за пониските работни места во индустријата. Зошто да не можеме да добиеме албански работници? Истите да бидат легално вработени, а не да работат на црно. Не постои слух по ова барање и никогаш не можеме да стигнеме до некоја цел и до тоа како да ги донесеме тие вработени.