ИнтервјуаНовости

ИНТЕРВЈУ Петрески: Казнувањето треба да биде ефикасно и непристрасно за да се намали сивата економија во Македонија

   Време за читање 6 минути

Бобан Илијевски

Според проценките на Finiance Think, сивата или неформалната економија во 2020 година изнесувала 23,2 % во вкупната економија, што значи дека таа „јаде“ четвртина од бруто домашниот. За политиките и мерките кои државата ги презема за да се справи со неа и какви мерки се потребни за да се намали истата разговаравме со извршната директорка на Finince Think, Благица Петрески.

Работник: Колку изнесува неформалната економија во Македонија и во кои сектори е најмногу застапена?

Б.Петрески: Неодамна, во Finance Think направивме проценка на сивата економија според методот на вишок побарувачка на готовина и проценката за сивата економија е 23.2% во вкупната економија. Притоа, постојат и други истражувања, примарно од Меѓународниот монетарен фонд, кои наоѓаат и повисок обем на сивата економија, што значи дека нашата проценка може да се смета за конзервативна. Но, и со тој оценет обем на сивата економија може да се утврди дека врз основа на сегашните даночни оптоварувања во буџетот се губат, односно може да се приберат но не се прибираат, дополнителни 650 до 700  милиони евра годишно, што е повеќе од буџетските дефицити во нормални години, и отприлика потребата од задолжување годишно, ако се смета обемот на дефицитот и отплатата на доспеани долгови. Оттука, сивата економија крие недвосмислено голем фискален потенцијал. По ова истражување, направивме проценка за најчестите форми на сива економија и проценките се дека најголем дел од неа произлегува од потрепортирање на прометот, најчесто преку неиздавање фискални сметки, од што пак може да се претпостави дека тоа најчесто се случува кај одредени услужни дејности, како што се трговијата, транспортот, сместувањето и служењето храна и пијалоци итн.

Работник: Како гледате на политиките кои ги креира државата за да се справи со неформалната економија?

Б. Петрески: Државата има релативно добро дизајнирана Стратегија за формализација на сивата економија која го покрива периодот 2018-2022, значи истекува за неколку месеци. Таа предвидува повеќе мерки за справување со сивата економија, од кои дел се сосем реалистични, а одреден дел се таксативни мерки кои се дизајнирани без докази и податоци, или се преземени од друго место, за што можам и да најдам оправдување имајќи предвид дека зборуваме за феномен кој е тешко да се мери бидејќи е скриен, односно е надвор од радарот на властите, па оттука и на статистичарите. Меѓутоа, поважното во поглед на стратегијата е што не постои податок за прогресот во нејзиното спроведување, а да не зборувам за евалуација на нејзините евентуални резултати. Значи, тешко е да се зборува дека државата спроведува робустни и ефективни мерки за справување со сивата економија. Како и за многу други работи во нашата држава, Стратегијата изгледа добро на хартија, но нејзиното спроведување каска или се соочува со доцнења, одлагања и неефикасности. Тоа индиректно објаснува и зошто секој обид да се наметне додатно даночно оптоварување врз формалната економија наидува на остри реакции и, во крајна линија, тешко го гледа светлото на денот.

Работник: Какви мерки според Вас треба да се преземат за да се намали неформалната економија во Македонија?

Б. Петрески: Ние неодамна се зафативме со анализа и предлог-мерки на еден сегмент од сивата економија, а тоа се нерегистрираните микро-вршители на бизнис активности, она што колоквијално може да се нарече бизнис кој работи „на црно“, каде што најчесто плаќањата се „на рака“, нема документи, бидејќи станува збор за нерегистрирана активност. Анализата покажа дека неопходни се мерки кои истовремено ќе ги оптимизираат трошоците за основање и водење мал бизнис и ќе ги зголемат користите од имање формален бизнис. Секако, како најголем проблем беа означени трошоците сврзани со даноците, придонесите и парафискалните давачки. Ако зборувате со даночници, тие ќе ви речат дека даночното оптоварување во Македонија е ниско, и во квантитативна смисла тоа е точно. Но, тоа не е наодот од анализата, туку тоа што овие нерегистрирани микро-вршители на активност укажуваат е дека за обемот на трошочното оптоварување не добиваат соодветен обем на противуслуги од државата, и во таа релативна смисла да се биде формален бизнис е скапо. Тоа е сврзано и со даночниот морал, кој во нашето општество е целосно еродиран, во услови кога граѓаните и фирмите се сведоци на неефикасно трошење на народните пари.

Анализата покажа дека оваа оптимизација на трошоците мора да биде проследена со зголемување на придобивките, кои не се неопходни во финансиска смисла. На пример, истражувањето покажа дека голем мотив за формализација може да биде фактот дека регистриран бизнис ќе има пристап до посериозни и поголеми клиенти, до поверодостојни добавувачи на репроматеријали и генерално до поголем пазар, што создава основа за раст на бизнисот. Некои од нерегистрираните бизниси не се ниту свесни за овие и други сврзани користи, па државата треба да работи на зголемување на придобивките, како и зголемување на нивната видливост и достапност.

Сепак, на крајот анализата потврдува дека сите овие приоди кон решавање на сивата економија сврзана со нерегистрираните бизниси треба да се прават паралелно со јакнењето на институционалните капацитети за борба со неа, и секако јакнење на ефикасноста и непристрастноста на системот на казнување. Не треба да бегаме од фактот дека земји како Германија, САД, Сингапур … функционираат беспрекорно благодарение на принципиелен и непристрасен систем на санкции.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси