Интервјуа

Интервју со Адвокатот Иван Станојевиќ – судските спорови помеѓу работниците и работодавачите

Интервју со Адвокатот Иван Станојевиќ - судските спорови помеѓу работниците и работодавачите - Работник
1.12Kviews

Како најчесто завршуваат судските работни спорови помеѓу работниците и работодавачите ?

Како најчесто завршуваат судските спорови од областа на работниот однос помеѓу работниците и работодавачите ? Колку често работниците се решаваат да поведат судска постапка и да бараат заштита на своите права ? Каков е квалитетот на постоечкиот Закон за работни односи ? Колкава е свеста на работникот за своите права и за други теми поврзани со работните односи на кратко разговараме со адвокат Иван Станојевиќ, кој од еден реален и практичен поглед дава одговор на овие прашања.

Каков најчесто е резултат од судските спорови од областа на работниот однос помеѓу работниците и работодавачите ?

Најпрвин мора да се каже дека проблемите помеѓу работниците и работодавачите воопшто не се нови. Правните корени на работните спорови се јавуваат уште далеку во минатото.

Резултатите и крајниот исход на еден судски спор од областа на работниот однос пред се зависи од чекорите и правните дејствија и активности кои претходно ги превземала секоја од страните. Тоа значи дека секоја страна и работникот и работодавачот треба да биде внимателна – односно секое дејствие да биде согласно Законот за работните односи или некој друг закон кој се јавува како lex specialis во одреден однос, согласно договорот за вработување и согласно колективниот договор.

Во една судска постапка, судот најпрвин го цени формално правното постапување на двете страни, односно формата на правниот писмен акт, времето на неговото донесување, дали во неговата содржина се содржани сите елементи кои законот ги предвидува итн.

Токму затоа и работниците и работодавачите мораат да ги знаат своите права, да знаат како е потребно да постапат во конкретна состојба и ситуација, што да преземат, што да побараат, на кој начин тоа да го сторат и слично. Во спротивно шансите за нивен успех во една понатамошна постапка значително се намалуваат. Сето ова говори дека резултатот во една судска постапка зависи од случај до случај.

Доколку на еден поширок начин сакаме да дадеме слика за тоа како судот постапува и какви одлуки донесува, можам искрено да кажам дека во најголем дел од судските примери судот застанува и ги штити правата на работниците, секако доколку истиот ги испочитувал своите права и обврски согласно Законот за работни односи.

Колку често работниците се решаваат да поведат судска постапка и да бараат заштита на своите права ?

Искрено тоа најчесто зависи од свеста на работникот за своите права односно дали истиот е запознаен и знае дека со одредено дејствие или одреден акт работодавачот ги повредува неговите права. Истовремено зависи и од тоа дали ќе побара правен совет од страна на стручно лице или пак ќе одлучи да не реагира поради разни причини.

Во секој случај иако лично сметам дека работниците имаат ниска и навистина мала свест и запознаеност со тоа какви се нивните права, какви се законските можности за заштита на истите, последниот период можам да кажам дека ваквата состојба оди во нагорна линија.

Во правото има една изрека која вели ,,не познавањето на правото – може да наштети“ и истата во реалноста е пресликана. Доколку кај нас се продолжи со бланко потпишувања на изјави или договори или доколку потпишувате договор кој не го ни читате во таков случај многу често може да се најдете во ситуација каде хипотетички речено ќе ви бидат врзани рацете.

Каков е квалитетот на постоечкиот Закон за работни односи ?

Позитивните – важечките законски решенија кај нас во голем дел соодветствуваат со законските решенија на развиените европски земји. Секако моето мислење е дека има области кои мора да бидат подобро регулирани, кои мора да претрпат промени и да се прилагодат на новите состојби во современото општество ( како што се областите со работниците на определено време, правата и заштитата на работничките кои се бремени, евиденцијата на работници кои ја вршат работодавачите, работното време, одморите и нивното времетраење и слично ) .

Но, исто така сметам дека кај нас поголем е проблемот на реална примена на конкретен закон и контролите кои треба да ги вршат институциите, отколку содржината на законот.

Имено може буквално да пресликаме некое законско решение од најдобро развиената земја во светот, но тоа не значи дека резултатите од истото ќе бидат видливи.

Она на кое несомнено треба како држава да работиме е подигање на свеста од една страна на работниците како за нивните права, така и за нивните обврски, понатаму подигнување на степенот на реална примена на законот и правилна и редовна контрола во неговата примена.

Кој е краткиот совет кој би им го дале на работници за заштита на нивните права ?

Работете, бидете упорни и никогаш не се откажувајте од своите права, затоа што најтешко е да ја победат личноста која се бори и никогаш не се откажува.