Интервјуа

Интервју со Миле Бошков, Претседател на Бизнис Конфедерација на Македонија: Зголемувањето на минималната плата ќе ги подобри условите на работниците

Интервју со Миле Бошков, Претседател на Бизнис Конфедерација - Работник
587views

Со Претседателот на Бизнис Конфедерација на Македонија, Миле Бошков зборуваме за неколку актуелни прашања. Во продолжение прочитајте го целосното интервју.

Ако ја земеме во предвид целосната изјава на Министерот Манчевски, мораме да кажеме дека или бил вознемирен или несреќено изјавил дека слабите, неуспешните и неквалитетните административци ќе ги понудат на приватниот сектор. Со оваа негова несреќна изјава се поттикнува и слаба ефикасност на приватниот сектор, бидејќи слабите административци во јавната администрација не можат да бидат добри во приватната администрација, вели Претседателот на Бизнис Конфедерација на Македонија, Миле Бошков во интервју за порталот Работник.

Работник: Министерот Манчевски рече дека вишокот на „слаби“ административци ќе се трансферираат  во приватниот сектор. Кој е вашиот став за неговата изјава?

Г-дин Миле Бошков: Ако ја земеме во предвид целосната изјава на Министерот Манчевски, мораме да кажеме дека или бил вознемирен или несреќено изјавил дека слабите, неуспешните и неквалитетните административци ќе ги понудат на приватниот сектор. Со оваа негова несреќна изјава се поттикнува и слаба ефикасност на приватниот сектор, бидејќи слабите административци во јавната администрација не можат да бидат добри во приватната администрација. Од друга страна во креирањето на глобалната политика во која учествуваат социјалните партнери е добра можност за намалувањето на јавната администрација, за која даночните обврзници ги плаќаат нивните плати. Една акција поврзана со оперативен план за вработување, една акција поврзана преку поддршка на фондот за иновации, поддршка преку субвенционирање на земјоделството, поддршка за формирање на нови мали и средни претпријатија, тоа е можност тие да бидат дел од приватниот сектор, дури па и да се вклучат во исполнување и остварување на дејности, поврзани со нивната претходна професија и со нивните вештини, каде што можат да се вклучат во слободниот пазар, да понудат услуги, од истиот карактер, како што работеле досега на работните места во јавната администрација. Во тој случај и отпремнината и поддршката од оперативниот план за вработување и од можностите за субвенционирање на плати, бизниси и т.н., можат да бидат клучни за намалувањето на јавната администрација и по автоматизам, намалување на товарот на даночните обврзници, доколку се направи добар план. Меѓутоа, класичното еднострано и одвоено кажување дека слабите административци ќе се понудат во приватниот сектор е несреќено изјавена идеја.

Работник: Кој е вашиот став за зголемувањето на минималната плата?

Г-дин Миле Бошков: Зголемувањето на минималната плата е секако категорија која ќе ги подобри условите, животниот стандард на работниците и мотивацијата на работното место и сите останати параметри кои ја поттикнуваат минималната плата. Меѓутоа кога се зборува за зголемувањето, треба да се зборува и за тоа колкав ќе биде износот, бидејќи не е едноставно да се калкулира и паушално да се зборува за зголемување на минималната плата без да се знае износот. Но генерално ставот на Бизнис Конфедерација на Македонија е дека поддржуваме зголемување на минималната плата, поради глобалната и локалната состојба на пазарот на трудот во Македонија.

Работник: Работодавачите велат дека црвената линија за зголемување на минималната плата е 14,000 денари, а Владата вети дека минималната плата во 2020 година ќе изнесува 50 проценти. Кој е вашиот ставот на Бизнис Конфедерација на Македонија?

Г-дин Миле Бошков: Кога е наметнато решението, тогаш тоа веќе не е решение, ниту па е дел од планот и програмата на работодавачите, бидејќи има дел од работодавачите кои ги планираат своите плати и приходи и на тој начин трошокот на работењето, вкалкулиран во целокупното работење на претпријатието е категорија која ја планираат. Така да, од друга страна неблагодарно е да се калкулираат и да се наметнуваат параметри како 15 – 16, 000 денари минимална плата, без да се пресмета и вметне економската стабилност, економскиот раст, политичката стабилност, на што се заснова; дали е економскиот раст мерка, бројка, популизам, несоодветна калкулација и методологија за економски раст и т.н., врз кои ќе треба да го базираме и зголемувањето на минималната плата. Паушалното кажување дека работодавачите се подготвени на 14,000 денари; паушалното изјавување на Владата дека ќе ја зголеми или ќе преговара за минималната плата за 15, 000 денари е неблагодарно и несериозно. Без анализа на реалната состојба, без предвидување на идните макро и микро економски политики не може паушално да се зборува дека ќе се подигне минималната плата за 14 или 15 илјади денари. Кој ни гарантира раст во еден апсолутен износ, генерално зголемен за 10 – 15 посто, за да можеме да ја покачиме минималната плата за исто толкав процент. Бидејќи кога ќе ја качиме минималната плата од 12, 000 на 14 или 15,000 денари, доаѓа дека имаме зголемување на 10, 15, па и 20 проценти, од апсолутниот износ на минималната плата. Имаме толкав економски раст? Дали и дури потрошувачката е толкава? Се се сведува тоа дека несериозно се пристапува кон оваа проблематика.

Работник: Имаше барање од страна на некои од синдикатите, храната и превозот да бидат додатно платени од страна на работодавачите, бидејќи тие се вклучени во платата. Кој е вашиот став по однос на ова барање?

Г-дин Миле Бошков: Има две работи и ова е добро да го слушнат вашите читатели, а тоа дека работодавачите треба да се грижат максимално за своите вработени и дека треба да најдат начин како да ги исполнат тие обврски. Според нас во Бизнис Конфедерација, храната и превозот треба да се посебна мотивациска категорија за работниците да дојдат на работно место и да ја остварат својата нето плата. Меѓутоа, ние пред се сме земја во развој, а не економски развиена земја. Можеби во законските решенија треба да се вкалкулираат превозот и храната и т.н., во рамки на платата која е една олеснителна одговорност која е договорена порано. Меѓутоа, сега треба да се размислува на друг начин бидејќи има недостаток на работна сила, и покрај тоа што 160,000 луѓе се запишани како невработени во Агенција за вработување, но има една друга ситуација, а тоа е дека како изнаоѓање на решение треба да бидат вклучен сите, што значи дека на локално и на национално ниво треба да се договориме со јавните превозници, за одреден надоместок, тие работници да добиваат превоз кој ќе биде пресметан во трошокот, односно може да има работничка карта за јавен превоз. Така да и тоа е една опција која може да се пресмета и да се изнајде како решение на работодавачите. Јавниот превоз сеуште е јавен, има и приватен, но тој е во помал дел, каде што има шанси да остане дел од нето плата за работникот, а исто така работодавачот да најде модул за решавање на тој проблем, односно на трошокот храна плата и превоз, наспроти нето платата и олеснети трошоци за превоз.

Работник: Според различни извори, сивата економија во Македонија изнесува околу 45 отсто. Што според вас би требало да се направи за да таа да се намали?

Г-дин Миле Бошков: Сивата економија е широка категорија и сега јас категорично ќе кажам дека ако сакаме да ја намалиме сивата економија треба да го најдеме мотивот, а мотивот го гледаме во нетранспарентното, расипничкото и неотчетното трошење на јавните пари, односно луѓето работат во сива економија и ги избегнуваат даноците, затоа што таму каде што треба да ги плаќаат даноците, треба да ги управуваат јавните пари собрани од даноци и треба да ги трошат на транспарентен, на очтетен и на некорумпиран начин. Незадоволството и влезот во сивата економија е врзана реакција, но и однесување. Проблем е што сеуште се нема чувство на припадност на поголем дел на населението и не знаат, па ниту им е создадена можност и чувство зошто да влегуваат во сигурната зона или во регистрираната зона за водење на бизнис. Друга работа е што можеби се преоптоварени со давачки, фискални и парафискални трошоци, кои патем во регистриран бизнис мора да се плаќаат. Овие се параметрите коишто се основни поради кои се работи во сивата економија, каде што има работа на црно, непријавена или нерегистрирана дејност, избегнување на плаќање на царини, лиценци, дозволи и т.н., се поврзани со тие параметри.  Има луѓе кои сакаат да работат, плаќаат данок имајќи во предвид за демократските случувања во околина и кај нас и тие сакаат своите даноци да ги плаќаат во својата општина. Меѓутоа, кај нас сеуште не е децентрализиран системот на фискално и финансиско управување на локалната самоуправа. Сеуште работиме на дотации од Владата и поради тоа луѓето работат во сивата економија, бидејќи данокот што го плаќаат повторно оди на централно ниво, а тие работат на локално ниво.

Работник: На кое ниво е вашиот социјален дијалог со синдикатите?

Г-дин Миле Бошков: Како Бизнис Конфедерација и како организација наспроти синдикатите, со нив соработуваме на многу високо ниво, се почитуваме и уважуваме и ги знаеме состојбите во кои ние живееме. Меѓутоа, нашите членови и членовите на синдикатите, тие за жал немаат основна комуникација. Нашата улога е да ги артикулираме и да ги насочиме ние, работодавачите, синдикатите своите членови членови – работниците, да почнат да создаваат пооформена комуникација на пониско ниво. Не на институционално ниво, не во името на социјалното пратнерство и не во името на нашите организации, туку непосредно да комуницираат. Постои за тоа закон кој предвидува информирање и консултирање, колективен договор, социјален дијалог, на ниво на компанија, на ниво на сектор и т.н. Меѓутоа многу малку го практикуваат, дури не се ни свесни дека го имаат како институт за комуникација. Затоа треба да работат нашите национални организации и да ги потикнуваат работодавачите да имаат заеднички интерес за социјлниот дијалог. Да се поттикнуваат работниците за нивните права, обврски и бенефиции, а работодавачите за нивните обврски, нивната продуктивност, исполнителност, мотивација и подобрување на својот работен кадар во име на продуктивноста и во име на зголемен профит.