ИнтервјуаСветот на работникот

Интервју со најдобрите наставнички на просторот на Поранешна Југославија

Интервју со најдобрите наставнички на просторот на Поранешна Југославија-Работник
904views

Оваа година Анета Велковска беше прогласена за Проветен работник на годината на Град Скопје за учебната 2018/19 година од страна на Здружението на просветни работници на Град Скопје.  Во 2015 година Жаклина Ристовска професор по одделенска настава во ООУ “Браќа Миладиновци”  Скопје, по едукација педагог, беше прогласена за Проветен работник на годината на Р. Македонија за учебната 2014/15 година од страна на Сојузот на просветни работници на Република Македонија во соработка со МОН на РМ.

Од 30 мај до 2 јуни 2019 година во Будва, Црна Гора, се одржа конференција “Светот на образованието ги брише границите” , во организација на Асоцијацијата ANN EX YU. На конференцијата Анета и Жаклина, ја освоија Титулата најдобар наставник во земјите од поранешна Југославија.

Работник: Добитнички сте на титулата најдобар наставник во земјите од поранешна Југославија, а можете да се пофалите и со многубројни признанија со кои сте се стекнале со текот на годините. Како стигнавте до оваа награда? Кој е патот да се биде успешен наставник со меѓународни признанија?

Анета Велковска: Во текот на годините покрај наведените признанија имам постиганото голем број на резултати во спроведување на целите и на задачите во воспитно-образовната работа, во наставните активности, проекти, автор сум на поезија на деца итн. Титулата наставник треба да се заслужи, не да се награди, бидејќи Македонија има голем број докажани наставници чиј труд треба повеќе да се вреднува.

Жаклина Ристовска: Патот до успешен наставник најпрво започнува со желбата да се работи со деца, потоа да се вложиш многу, затоа што децата се иднината на секоја земја и доколку ние наставниците имаме приватни проблеми и ние не сме задоволни со себе, децата за тоа не се виновни. Кога се работи за децата, наставникот мора да биде максимално посветен на децата, постојано да се усовршува, да ги следи трендовите и промените во образованието, бидејќи генерациите што завршуваат треба да бидат активна работна сила, а доколку образованието не произведе способни кадри кои треба добро да работат, истото води кон стагнирање на целото општествено живееење. Имам 26 годишно искуство како наставник, за мене секое дете е исто, нема поделби и се трудам секое дете да постигне оптимален успех, но децата се разликуваат по своите способности, интереси, знаења, предиспозиции, се трудам кај секое дете да го развијам она што го сака и тоа до максимум, за детето само да биде задоволно и да се развијат неговите потенцијали што подоцна ќе се рефлектира во неговата професија.

Работник: Kои критериуми треба да се исполнат за да бидете проглаени за најдобра наставничка на просторот на Поранешна Југославија?

Анета Велковска: Постигнување високи резултати во реализација во воспитно образовната програма, реализирани проекти, да бидете автор на детски книги, учебници, учевство на трибини, конференции, обучување на семинари, да бидете активно вклучен наставник во наставни активности и збир други критериуми треба да се исполнат со цел да бидете дел од Асоцијацијата ANN EX YU и да влезете во конкуренција за најдобар наставник на протсорот на Поранешна Југославија.

Работник: Во кој дел од образованието сметате дека треба да се претрпи промени за унапредување на квалитетот на образованието?

Жаклина Ристовска: Постои разлика од почетоците на мојата кариера, до сега, образованието се менува, се менува и ликот на ученикот, иако секој временски период има свои позитивни и негативни страни, сеуште има некои проблеми кои се провејуваат, а не се промениле а тоа е причината за стагнација на македонското образование во однос на другите образовни системи, во останатите земји. Она што треба да трпи промени е мотивацијата на наставникот, вложување во усовршување, обуки, наставникот да се надградува. Наставниците во Македонија немаат доволно мотивација за горенаведеното, поради немањето стимулација, вреднувњето и секако висината на платите. Вториот проблем во образованието е фаворизирањето на одредени наставници кои не располагаат со потребниот квалитет, наспроти квалитетните наставници кои се дестмулираат.

Анета Велковска: Квалитетот на образованието може да се подобри преки изнаоѓање начини на поддршка на наставниците, институционална поддршка, но и колегијалност и поддршка од страна на родителите. Потребни се обуки за професионален развој, ефикасен просец на реформи,наставни програми кои ќе бидат адаптирани на потребите на учениците и нивните спообности, наспроти трупање со наставни програми кои не се имплементираат добро.

Работник: Дали мислите дека висината на платите на просветните работници е соодветна со обемот на обврските и одговорностите?

Жаклина Ристовска:Платите се многу ниски, како и секогаш, сведени се на под просек. Во едно семејство доколку двајца партнери се наставници, со тие приходи не можат да ги задоволат основните потреби па се принудени да вршат доплнителна дејност. Меѓународните признанија, дипломи, сертификати, се лична сатисфакција, но не влијаат врз зголемувањето на платата. Треба да се смени мотивот кај наставниците.

Анета Велковска: Во другите земји истакнатите наставници повеќе се ценат и се наградуваат парично повеќе од останатите. Додека обуките за надоградба се финансирани од министерствата. Фрустрирачки е фактот што сме ценети многу повеќе во странство отколку дома.

Работник: Што им порачувате на оние коишто сакаат во иднина да работат во образование?

Жаклина Ристовска: Моето професионално мото е дека образованието е најмоќно оружје кое може да го промени светот. Наставникот треба да биде чесен и одговорен и посветен на децата.

Анета Велковска: Добриот наставник секогаш е подготвен да учи, да се соочува со динамичната комплексност, подготвен е да се прилагодува на средината околу него и е постојано спремен да го менува светот.На оние кои сакаат да работат во образование им порачувам да си ја работат работата со љубов и посветеност, меѓутоа да се борат и за својот социјален статус и за своите работнички права.