Интервјуа

Интервју со потпретседателот на САДУ, Дејан Стојановски

Интервју со ПотПретседателот на САДУ, Дејан Стојановски - Работник
812views

Ексклузивно за Работник.мк, интервју со Потпретседателот на Синдикатот на администрација и државна управа на Македонија – САДУ.

Кое е Вашето мислење за трансферот од јавен во приватен сектор?

Пред се мораме да кажеме ние како синдикат за администрација и државна управа дека сме против трансферот од јавен во приватен сектор, од причина што јавната администрација или јавниот сектор многу години е горчлив проблем поради партиските и роднинските вработувања. Сведоци сме дека оваа година има зголемување на три илјади вработени во јавната администрација, што секако не е за одобрување. Ако Владата се подготвува да го намали бројот на вработени во јавната администрација, не треба да се зголемува бројот на вработени. Ако знаме дека во 2006, 2007 година имало  сто и седумнаесет илјади вработени во јавниот сектор. Ако во 2017 година, тој број изнесувал над сто дваесет и осум илјади, само за две години е зголемен и изнесува над сто триесет и две илјади, треба по природен пат да се замрзнат вработувањата во јавната администрација и во јавниот сектор и по природен пат, односно по пат на пензионирање да се намали јавната администрација. Од друга страна сите кадри што работат во јавниот сектор, каде што има превработување да се направи прекфалификување на кадарот и да се префрли онаму каде што недостасува. После тоа може да се отвораат огласи за вработување во јавниот сектор.

Според Ваше мислење, во каква фаза е професионализацијата на администрацијата? Дали има одлив на стручен кадар и на што се должи тоа?

За професионализацијата на администрацијата веќе се најавува дваесет години, а најмногу во последните две години. Сведоци сме дека професионализацијата е заглавена и станува еден огромен проблем на државата. Нашите мерки, кои ги предлагаме се еден од излезите за професионализација на администрацијата. Не само што се зголемува бројот на вработени во јавниот сектор по однос на партиска припадност и роднински врски, туку сведоци сме дека се повеќе и повеќе стручен кадар, поради платите во јавната администрација, истата ја напуштаат, и одат во приватниот сектор или надвор од Македонија. Како што напоменав има одлив на многу стручни кадри од јавната администрација. Тоа се должи на ниските примања, нестручноста на вработените, притисоците и мобингот, по основ на партиска припадност или по основ на неистомисленици. Ова претставува многу голем проблем во јавната администрација, кој треба многу брзо да го надминиеме и како држава и како општество. Во спротивно јавниот сектор во нашата држава ќе падне на колена, затоа што во овој момент е на ниво на социјална категорија, а вработените имаат социјални примања. Јавната администрација, доколку пред две, пет или десет години, велевме дека е превработена и има партиски предзнак, сега тој проблем е уште подлабоко навлезен во јавната администрација и како што кажаваме треба многу скоро да се излезе од тој феномен, за којшто треба политичка волја да се сопрат вработувањата, да се ослободи од притисоците, да се ослободи од натегањата, внатре во јавната администрација и со тоа стручните кадри, што не ја напуштиле да дојдат до израз, да може таа да работи професионално, само во служба на граѓаните.

Според Вашите информации од терен, какво е Вашето задоволство во однос на синдикалното делување?

Во однос на синдикалното делување, податоците се многу разочарувачки поради тоа што нашиот синдикат се спротивставува на уништувањето на јавната администрација, на трансферот од јавен во приватен сектор и се погласно ги бара правата за зголемување на платите. Многу пати сме кажале дека таа станува социјална категорија, со социјални примања. Со просекот на плата од осумнаесет илјади денари, ниеден јавен административец не може да го прехрани своето семејство, ниту да му пружи квалитетно школување на своето дете, ниту пак да овозможи да оди на одмор. Може слободно да кажеме дека во институциите од јавен сектор има и бел штрајк, а тоа значи дека многу од вработените земаат боледување, одат на неплатен одмор и ја напуштаат јавната администрација.

На кое ниво е социјалниот дијалог со Вашите социјални партнери?

Социјалниот дијалог е на многу ниско ниво. Не можеме да кажеме дека имаме состаноци со министри или со одредени надлежни од засегнатите институции, но тоа се се сведува само на купување време и поткопување на работите, се со цел на не решавање на проблемите, коишто се многу наталожени во јавниот сектор.

Каква Ви е соработката со Европската и Светската федерација на синдикати од јавен сектор?

Ние како полноправна членка на Европската и Светската федерација на синдикати од јавен сектор, постојано ги известуваме за случувањата во нашата држава и случувањата во нашиот синдикат. Можеме да кажеме дека имаме потполна поддршка од нивна страна, но за жал истите кога реагираат, Влдата останува нема. Така беше и со последните случаеви, кога наши синдикални лидери беа деградирани и отпуштани од работните места. Европската и Светската федерација на синдикати од јавен сектор, редовно ги известуваат Светската и и Европската Конфедерација на синдикати, каде што сме членки преку Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, изразуваат големо жалење. Нивните извештаи се негативни, кои што ги проследуваат кон Европската Комисија, каде што се тие социјален партнер. Жално е во една држава, како што е Македонија, којашто се наоѓа на европски континет, социјалниот дијалог и слободата на синдикалното движење да се сведува на една земја од африканскиот континет.