Интервјуа

Интервју со Претседателката на „Гласен Текстилец“ Кристина Ампева: Проблемите, страдањата и кршењето на правата на текстилните работници

Интервју со Претседателката на „Гласен Текстилец“ - Работник
439views

Кои се најгорките проблеми со кои се соочуваат текстилните работници? Кои права на текстилните работници најмногу се кршат? Дали текстилните работници се осудуваат да го пријават кршењето на нивните работнички права?… се дел од прашањата на кои свои одговори даде Претседателката на Здружението „Гласен Текстилец“, Кристина Ампева. Во продолжение следува целосното интервју:

Кои се најгорките проблеми со кои се соочуваат текстилните работници?

Проблемите во текстилната и чевларската индустрија ги има во обемен број. Да започнам со тоа дека дел од нив немаат кај себе договори за вработување, работат на црно и по неколку месеца додека работодавачот се смилува да ги осигура. Понатаму, условите за работа во дел од фабриките не се соодветни, односно,  во зимските месеци имаме фотографии каде се покриени со ќебиња на нозете, носат шал, капи, а пак летно време температурите во погоните за производство се неиздржливи. Мобингот е застапена појава, враќање на дел од плата, неисплатени додатоци од плата. Листата е преголема, но еве дел.

Кои права на текстилните работници најмногу се кршат?

Според нашето истражување кое го направивме годинава, а во кое се опфатени 870 испитаници/работници/чки  ( истражување кое слободно може да кажеме дека е прво од ваков тип и е репрезентативно), како најголеми проблеми се појавија неплатената прекувремена работа, работа на празник која исто е неевидентирана и неплатена. Потоа проблемот со непочитување на законот при користење на годишен одмор, односно, работниците не ги користат во целост деновите од годишен одмор. Тоа се потврдува и во судските тужби од страна на адвокатската канцеларија со која соработуваме, односно, дека во 90 проценти од тужбите, се работи за неисплатени додатоци и надоместоци од плата – минат труд, прекувремена работа, работа на празник и слично.

Дали текстилните работници се осудуваат да го пријават кршењето на нивните работнички права? И според ваши сознанија колку тоа го имаат направено?

Да, немаат проблем да се јават во нашето здружение и се консултираат, прашаат, побараат да им изготвиме некое барање до работодавач или до надлежен инспекторат. Но сеуште голем дел од нив сакаат да останат анонимни, па ние во својство на граѓанска организација која работи на оваа проблематика, со претходно добиени информации и докази за прекршувања на право од работен однос, праќаме барања за инспекциски надзор во фирмите.  Водиме база за случаи по кои сме постапиле диретно и оддржуваме комуникација со работници од фирмите за да знаеме дали има подобрувања.

Дали текстилните работници преку судовите ја бараат правдата? Доколку имало судски спорови, колку од работниците успеале да ја добијат правдата?

Ретко се одлучуваат за судски постапки. И ако се одлучат, тоа е откако прекинале со работен однос во фирмата. Секако дека препраќаме луѓе до адвокат кога знаеме дека нема друг начин да ги намират своите побарувања од фирми кои се ликвидни. Но, не можам да ги заборавам неколкуте странски и домашни фирми кои ги оставија работниците без неколку месечни неисплатени плати и придонеси а за кои ден денес (кај оние што има судска или стечајна постапка) нема никаква информација ни разврска. Освен да наведам дека институциите на државата и  правдата потфрлаат кога обичен работник е оштетен.  Затоа неколкупати спомнавме и побаравме да се воведе фонд кој ќе ги исплати платите на работниците во вакви случаи, а државата да ги бара  тие средства од работодавачот, фирма или правно лице, преку своите органи кои инаку ги користи за наплата од обичните граѓани.

Каква е вашата соработка со синдикатите?

Соработка со нашиот репрезентативен синдикат скоро и да нема. Имаме комуникација со синдикалецот од гранката за текстил, чевли и кожа, каде разменувам информации и барам интервенции за фирми каде знам дека имаат синдикат. Но за жал, гледам дека се немоќни да направат нешто бидејќи баш во тие фирми има големи проблеми и каснења и по два месеца со плата, неевидентирана прекувремена работа и работа на празник, а препраќаме и до адвокати за тужби. Жал ми е што не не гледаат како партнери и не се споделуваат информации за тоа до кај е новиот Закон за работни односи или што се случува во економско – социјалниот совет каде ние немаме пристап за да можеме да реагираме, бидејќи не можеме да си дозволиме нови манипулации во законот или во колетивниот договор што се однесува на приватниот сектор.

Колку Државниот Инспекторат за труд врши контрола врз текстилните фабрики? Имаат ли пронајдено неправилности?

За Државниот инспекторат за труд не можам да зборам многу, тие треба да објават јавно што и како постапиле, кои мерки се преземени, колку фирми се казнети и слично. Од она што јас можам да го кажам е дека имаме и формална и неформална комуникација со три подрачни единици на ДИТ, а тоа се Куманово, Крива Паланка и Делчево каде генерално сум задоволна од тоа како постапиле, за нивната комуникација со вработени, но и со нас како граѓанска организација. Работнички често телефонски се обраќаат и до Скопје и од нив имам сознанија дека е постапено по нивни пријави и дека им јавиле за повратен одговор. За останатите, за жал, имам негативно или немам некое позитивно искуство.

Што според Вас би требало да се направи за да се поправи состојбата во текстилниот сектор?

. Што би требало да се направи… Единствено да се почитува Законот за работни односи, колективниот договор за приватниот сектор од областа на стопанството и законот за безбедност и здравје при работа.  Значи, единствено да се почитуваат законите. Така работниците не би земале минимална плата, платата би била многу повисока доколку се плаќа соодветно нивниот труд, доколку би им биле исплатени додатоците и надоместоците од плата,  би го користеле одморот согласно закон и одморени би се вратиле на работното место. Ако се соодветни работните услови, тие би произведувале повеќе, ако нема мобинг, би имало добра работна атмосфера која исто обезбедува поголема продуктивност

Што им порачувате на работодавачите и на Владата?

На Владата би им порачала да се залага повеќе за она што го имаа како предизборно ветување, односно, покачување на плати, институции во служба на граѓаните/работниците во случајов, механизми за почитување на работничките права. Би порачала дека состојбата со иселување на цели семејства и млади луѓе од државава би требало да разберат дека е сериозен проблем. А сето тоа се должи на борбата за егзистенција, корупција на секој чекор, а особено во институциите платени од граѓаните. Збориме за правна држава, но ретко кој обичен работник со минимални примања би рекол дека успеал да дојде сам до правда. И да, очекуваме конечно Закон за работни односи кои ќе се донесе транспарентно и ќе ги вклучи сите. Закон донесен зад затворени врати, ќе донесе штета за сите.

До работодавачите, особено за текстилните и чевларските фабрики би им порачала дека не сме непријатели, но ако сакаат да ги задржат бизнисите и да не пропадне текстилниот сектор, да се сетат дека старосната граница се зголемува од година во година. Младите не сакаат да се вработуваат во оваа бранша.  Партнерите, странските нарачатели, не сакаат да имаат работа со фирми кои не почитуваат основни човекови права. Имаме моќ и гласот ни се слуша надалеку благодарение на нашите колеги од земјите од Западна Европа. На крај, подобро е секако да соработуваме за да разменуваме информации и да се оградат добрите примери на работодавачи од оние кои се во сивата зона и ги кршат законите.