Интервјуа

Интервју со Снежана Конеска – Руси

Интервју со Снежана Конеска - Руси - Работник
1.04Kviews

Ексклузивно за порталот Работник – интервју со доајенот на македонската театрска сцена и Претседателка на регионалниот одбор на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК – Центар, Скопје, Снежана Конеска – Руси

Што мислите за социјалниот статус на културните работници во Македонија?

Ако направите анкета за социјалниот статус на културните работници меѓу различен тип работници во државава, ќе добиете и различни одговори – од “добар“, “многу добар“ , па и  “најдобар“.  Ако ги прашате културните работници ќе добиете сосема поинаков одговор – “социјалниот статус е на најниско можно ниво“!?

Се обидувам да ги оправдам и едните и другите, велам во право се сите, оти секој гледа и мисли од свој агол за својата “фела“, во секоја индивидуална, групна или синдикална борба се обидува да извлече што е можно повеќе придобивки за својата гранка, истапувајќи  сосема субјективно, не земајќи го предвид транзициското време во кое сеуште живееме, опкружувањето, урнатата економија, зголемената сиромаштија…. Оттаму за мене изгледа нереално побарувањето повисок социјален статус на културните работници, во држава каде имате раслоеност на висока и ниска класа.

По некој утврден ред, општо прифатен и од нас, а и по сила на нештата, културата е на последно место од скалилото дејности во државата. Но во исто време таа е основен сегмент за надградба на една личност, група, народ, нација, држава и за усовршување на релацијата единка-општество, работник-работодавач, граѓански сектор-државни институции. Па подобрувањето на социјалниот статус на културните работници не е само исполнување на нивните барања за повисок стандард, туку и показател на зрелоста, образованоста, културата на државните чинители кон се што опфаќа култура на еден народ.

Кои се вашите ставови околу синдикалното организирање на актерите во Македонија?

Години наназад, во досегашното наше опстојување, културните дејци, па и актерите како индивидуи или членови на одредени колективи (ансамбли) напати имаа формирано здруженија, се здружуваа во независни организации, самостојни синдикати, но со краток здив – брзо згаснуваа, се раздружуваа од најразлични причини, што го објаснувам како постоење на силно изразениот индивидуализам кај актерите, кој пак е главен проблем за вклопување во ваков тип организации.

Па оттаму не гледам перспектива во здруженија иницирани и составени само од културни дејци, актери, туку поддржувам синдикално здружување на повеќе сектори – детска заштита, образование, наука, култура, логично како што е СОНК, во кој се здружени најважните сегменти на едно општество.  И благодарение на таквото здружување се добиваат одредени битки, каква што беше онаа на секторот ОБРАЗОВАНИЕ за процентуално зголемување на личниот доход,  во која битка добитници беа и културните работници.

Ваквото здружување и покрај различните проблематики во одделни дејности има и позитивни страни. Многубројноста на членството – носи репрезентативност, тоа пак обезбедува легитимно социјално партнерство на едно ниво, здружувањето со Конфедерацијата на слободни синдикати обезбедува учество во економско – социјален совет на повисоко ниво.

Што треба да се направи за да се создадат подобри услови за актерите?

Мојата ќерка во 4-то одделение постојано бараше работна маса за да пишува…да учи. А јас постојано повторував – Кој сака да учи, не му треба работна маса. Значи важна е желбата, да сакаш да учиш, да работиш.

Па и за актерите важи истото. Подобри услови не гарантираат подобар резултат во градењето улоги, создавањето претстави. Пример за ова се актерите на Прилепскиот театар, кои имаат најлоши услови, а имаат добри претстави. Од многу нешта зависи добриот резултат.

Ако порано било доволно – актер на сцена и еден рефлектор и да имаш претстава, денес барањата и очекувањата на творците и гледачите се се поголеми. Што значи дизајнот (сценографски, костимографски, светлосен, тонски) е поважен, а тој пак е финансиски зависен.

Оттаму е логична потребата за постојано зголемување на буџетот за култура на државно ниво, па и на зголемен износ за проекти од национален интерес во Министерството за култура, за форматирање-дизајнирање на еден театарски проект по европски терк, со што би се направил квалитативен скок на нашиот производ за успешно компарирање со светските проекти.

Што мислите за платите на актерите во Македонија?

Веројатно ќе ве изненади мојот став за платите на актерите. Тие се доволно ниски и доволно високи, за да може да опстојува квалитативниот распон неопходен за функционирање на актерските групи. Платата не е секогаш резултат на зголемениот ангажман, покажаниот резултат, туку таа е само стартна позиција за тоа работно место, во одредена група.

Долгогодишно постоење, творење во репертоарот  на театарските институции, креативно изразување, заслужено наградување, се добри елементи за надградување и за преминување од една во друга група. Но тоа, мора да признаеме, се случува многу ретко, зашто институциите работат со фиксен буџет и за такви чекори не постојат дополнителни средства. Во театарот нема ни унапредување со стекнати звања како кај другите културни инстутуции (библиотки, музеи…)

Но, звањето не го прави актерот – актер. Ниту платата. Денес помислувам на едно минато време, кога актерите ги добивале платите во затворен коверт и ниеден не знаел колку заработува другиот. Големиот ентузијазам, огромната љубов и страст кон театарот ги надминувал сите меѓусебни разлики, па и финансиски. Веќе е друго време, други луѓе, други аршини, групи, кланови…

Дали новиот театар на МНТ има подобро услови за работење од претходниот? Кои услови се подобрени?

За некого овој театар е НОВ, за мене – е СТАРО НОВ – како дете во тој убав простор гледав опери, оперети, драми, а сега од големата сцена ги гледам посетителите во новите црвени фотелји, во ложите со црвено кадифе, галерија 1 и 2 …

Со својот колега Витанов минавме 40 години уметничка дејност во така наречениот привремен објект на МНТ, старата барака спроти Н. Македонија, изградена по земјотресот, чекајќи го својот нов  дом.

И после толку години минати во тој простор, па години во објектот на МОБ, заедно со операта, балетот ,филхармонијата, ние театарските уметници се здобивме со свој простор, по нацрт на стариот објект, но во ново руво – модерен, функционален во секој поглед, особено сценско-технички (опремен со движечки платформи, голем број чиги, голем светлосен парк, моќна сложена аудио опрема) со компјутерска обработка, што го вбројува  театарот меѓу трите најдобри театри во Европа. Дури и оној предпремиерски работен период е обезбеден комплетно со простор за читачки проби, за мизансценски, кореодрамски, музички, со поединечни и групни гардероби со неопходните нус простории, како и мини апартмани за наши гости-уметници.

Кој не би посакал такви услови…Добри услови…Да, ова се најдобрите услови за творење во еден театар, посакувани од многу наши колеги…

Посакувам да успееме комплетно да го освоиме, но и да научиме  да го чуваме.