ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Иселувањето од државата ја јаде економијата

257views

Сонот за подобар живот на Запад и натаму е топ-приоритет во планирањето на иднината на поголем дел од младите, но и постарите во државата. Податоците од студијата се направени во 2018 и 2019 на повеќе од 10.000 испитаници на возраст помеѓу 14 и 29 години во 10 држави од Југоисточна Европа. За повеќето млади луѓе (48,3 %), главна причина за иселување е подобрување на животниот стандард. Младите се најсензитивни на корупцијата, социјалната неправда, сиромаштијата, невработеноста.

Да можам, уште сега би заминала на некој универзитет во странство, но без стипендија тоа е невозможна мисија, барем за мене. Не дека не сум за да останам тука, но можностите и условите знаете какви се. Едукацијата ми е приоритет и би сакала да можам да се доусовршам надвор, имам планови, но здравје, ќе видиме, вели Сања, студент на економски науки, за „Дојче веле“.

И можеби ќе ги разбереме причините за иселувањето, но она што е нејасно се бројките. Точен статистички податок, или евиденција колку луѓе се иселиле од државата нема. Државната  статистика не направила анализа од овој тип. Со точни податоци не располагаат ниту во останатите државни институции. Според некои анализи, во изминатите дваесетина години Македонија ја напуштиле помеѓу 450 и 600 илјади луѓе. Проблемот е сериозен, а решението нималку едноставно, коментираат упатените:

Немањето евиденција е еден од проблемите и него го употребува, или злоупотребува политиката. Но факт е дека иселувањето, или желбата за иселување е присутна и таа е голема. Кај студентите е тоа евидентно, но исто така и кај оние што работат, а земаат ниски примања и тоа е поразително. Мотивите се разни, економски, политички, социјални. Ние ги гледаме површните работи, тие се доста произлезени од една длабока реалност, иако ова подрачје отсекогаш било миграциско, коментира социологот Илија Ацески.

Невработеноста се посочува како фактор број еден кој придонесува за иселувањето на младите. Според последните информации објавени од Светска банка, невработеноста кај младите луѓе изнесува 50.8%.

Ваквите тенденции се загрижувачки, а последиците за државата можат да бидат катастрофални, сметаат статистичарите. Иселувањето на младите најдиректно го намалува бројот на жените во фертилниот период во земјата, кои во демографска смисла го претставуваат потенцијалот за репродукција на населението.

Освен врз бројот на жителите во земјата, емиграцијата на младите, може да предизвика негативни последици и врз системите на социјална заштита, првенствено на пензискиот систем.

Стареењето на населението го зголемува бројот на пензионери, а тие пак треба да ги добиваат своите пензии како резултат на работата на луѓето кои се во работоспособна возраст. Така, ако во 1991 година имало 3 вработени на еден корисник на пензија, денес тој број е намален на 1,9 вработени на еден пензионер. Иселувањето на младите, слично како и во случајот од претходното прашање, одзема сериозен дел од работоспособното население и покрај стареењето на населението е друг фактор кој влијае неповолно на одржливоста на фондот за ПИОМ.