ИСЕЛУВАЊЕТО ОД МАКЕДОНИЈА ЌЕ ПРОДОЛЖИ, РАБОТНАТА СИЛА ЌЕ СЕ НАМАЛУВА – Работодавачите гледаат излез во зголемувањето на квотите за увоз на работници
Процесот на иселување и понатаму ќе продолжи и ќе трае се‘ додека Македонија не се приближи со економската развиеност до Европа, вели Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров.
Примерите од Романија, Бугарија и Хрватска покажаа дека тој процес ќе продолжи и по почетокот на преговорите и по влезот во Европската унија, дополни Димитров.
Според него, дејностите со ниска додадена дејности пополека ќе одумираат, со оглед на тоа што не можат да исплаќаат поголеми плати, додека во другите дејности ќе останат само оние компании кои имаат конкурентски предности во однос на останатите во истиот сектор.
Ова, исто така, ќе доведе до поголеми цени, па така можеме да бидеме сигурни дека повисоките плати по правило нема да значат и повисок стандард, бидејќи стоките кои може да се купат со повисоките плати ќе бидат исти или малку повеќе од оние кои сме ги купувале со пониските плати, посочи Димитров.
Што е со увозот на работна сила?
Димитров вели дека увозот на работна сила е едно од решенијата кое има свои добри и лоши страни. Од искуството со развиените земји кои имаат голем процент на работна, објаснува тој, може да се заклучи дека увезените работници си доаѓаат со своите културни и други особености и многу тешко ги менуваат своите навики кога ќе дојдат во друга држава.
Вклучувањето на овие работници во домашните стандарди на однесување денес е главен проблем во развиените европски земји. Од друга страна, намалувањето на наталитетот доведува до стареење на нацијата и тешко одржување на економијата, но и на пензиските фондови. Така, во вакви услови скоро сите земји се одлучуваат за увоз на работници од земјите каде природниот присраст на населението е доста висок и имаат низок животен стандард, истакна Димитров.
Македонија, како што вели, доцни во однос на Србија или Хрватска со олеснувањето на вработувањето на странци, па затоа мора што е можно поскоро да се започне тој процес.
Соочен со фактот дека вработувањето на странски работници не е решението на сите проблеми во економијата, Димитров верува дека тоа може да ги ублажи проблемите.
Во спротивно, државата ќе мора да се прилагоди на помалиот број на работници. Ова прилагодување опфаќа: намалување на државната администрација, прилагодување на пензискиот систем и други реформи кои за повеќето од населението нема да бидат популарни, наведе нашиот соговорник.
Инаку, како што неодамна пренесе „Телма“, квотата за работни дозволи за странските работници се очекува од 5.000 да се зголеми на 10.000 работници.