ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Исплатени над 156 милиони денари на невработени лица корисници на паричен надоместок и стечајци, за месец мај

Исплатени над 156 милиони денари - Работник
473views

Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување информираат дека на 16.012 невработени лица корисници на паричен надоместок и стечајци исплатени се 156.649.277 денари за месец мај. Паричниот надоместок се исплатува согласно Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност и Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, информираат од владината прес – служба.

Со последните дополнувања на регулативата, работниците кои поради коронакризата останале без работа во периодот од 11 март до 30 април, врз основа на потпишана спогодба, отказ  или лична изјава, независно од времето поминато во работен однос, можат брзо да дојдат до помош за полесно да го премостат периодот на невработеност. За да добие паричен надоместок во времетраење од два месеца, невработеното лице треба да достави барање до надлежниот центар за вработување на Агенцијата за вработување.

„Со прилагодување на регулативата на новонастанатите услови поради коронакризата, Министерството за труд и социјална политика и Владата на Република Северна Македонија одговораат на реалните потреби на лицата кои останале без работа. Обезбедувајќи брз и олеснет пристап до материјално обезбедување, не дозволуваме невработените лица да завршат во сиромаштија. Се грижиме за сите“, посочија од владината прес – служба.