КолумниНовости

И без ЕУ, Македонија значително губи население

   Време за читање 3 минути

Од вчера започнаа да важат новите правила за квалификуваните работници од Западен Балкан, вклучувајќи и ја и Македонија, која можеби е една од најголемите ресурси за германските компании кога станува збор за црпење на квалификувана работна сила.

Новите правила, познати како „карта за шанси“ за барање на работа во Германија се однесуваат на оние кои имаат најмалку двегодишна стручна подготовка или универзитетска диплома признаена во земјата каде што е стекната квалификацијата.

Интересно е што на луѓето кои ќе заминат во Германија нема да им треба да знаат германски, доволен им е само англиски јазик. Во Федерацијата ќе можат да бараат работа максимум до една година, што значително го олеснува заминувањето во истата, со оглед на тоа дека нема да биде потребен претходен склучен договор со германски работодавач.

Според правилото, во Германија годишно ќе можат да заминуваат до 50,000 квалификувани работници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Косово. Оваа бројка е двојно поголема од претходната, а со самото тоа на многу повеќе луѓе од Македонија им се овозможува да заминат во државата каде што во 2022 година заминале 53,000 македонски граѓани. Според истражувањето на институтот за јавна политика Арбен Џафери, за две години (2021 и 2022) во Германија се иселиле 85,000 луѓе. Инаку според последниот попис во Германија, на којшто се повикува оваа организација, во државата живеат 222,000 луѓе од Македонија.

Претпоставката е дека и во 2023 година се имаат иселено поголем број. Колку, ќе видиме во текот на 2024 година.

И без влезот во Европската унија, Македонија губи енормен број на население. Едноставно на луѓето им е преку глава, меѓу другото, од лошиот економски стандард, корупцијата, криминалот и партизираноста на државата

Ќе биде многу интересно да се види колку ќе се иселат по влегувањето во ЕУ, кога и да биде тоа. Не се радувам на тоа, но следната Влада мора да направи сѐ што е во нејзина моќ за одливот да биде помал. Ако остане состојбата каква што е сега, ни се пишува лошо во однос на демографијата, а и со тоа на работната сила.

Германија нема да биде единствената која ги олеснува процедурите за работа на странци, по неа ќе следуваат и други држави од ЕУ, бидејќи речиси секаде е присутен недостигот на работна сила. Ова треба многу да не загрижи како држава, најмногу поради тоа што во прашање се доведува виталноста на нашата економија.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси