И пилотите штрајкуваа; биле откажани 300 летови

Нискобуџетната авиокомпанија Еуровингс, која и припаѓа на германската Луфтханза, вчера беше принудена да откаже околу 300 летови поради штрајк на пилотите.

Тоа е трет и последен ден од овонеделниот штрајк предизвикан од условите за работа на пилотите. По вторпат во последните неколку недели, пилотите изразија незадоволство од условите за работа со прекин на работата.

Штрајкот погоди две третини од планираните 450 летови за Дизелдорф, Келн/Бон, Штутгарт, Хамбург и Берлин, изјави портпаролот на компанијата во Келн.

„Очекуваме да можеме да се вратиме на нашите вообичаени летови во четврток“, додаде тој.

Портпаролот на синдикатот Верајнигунг Кокпит изјави дека штрајкот завршува денеска на полноќ. Во неделата тој синдикат повика на штрајк, наведувајќи ја недоволната понуда на работодавачот како дел од преговорите за колективен договор.

Една од клучните точки на расправа е договорот за бројот на слободни денови. Пилотите сакаат да им се гарантираат 14, но авиокомпанијата понуди 10.