И покрај масовните отпуштања на работниците во оваа индустрија, тие многу брзо наоѓаат нова работа

Иако голем број на компании ги отпуштаат своите вработени, бројот на оние кои се вработуваат и натаму е поголем.

По масовното вработување во текот на пандемијата, втората половина од годината на технолошкиот пазар ја одбележаа и – откази. Најголемите кратења се направени во „Amazon“ и „Meta“, каде без работа останале повеќе од 10.000 луѓе, но како што покажало истражувањето на „ZipRecruiter“, повеќето отпуштени технолошки работници брзо повторно наоѓаат работа.

И покрај моменталната состојба на пазарот, на кој дел од компаниите кои не почнале со отпуштања (или барем не отпуштиле голем број на луѓе) го сопреле вработувањето, изгледа дека за квалитетниот кадар, посебно во технолошката индустрија, и натаму има доволно отворени работни места. Податоците на „ZipRecruiter“ кои се однесуваат на САД, така покажуваат дека речиси 40 проценти од отпуштените технолошки работници наоѓаат работа за помалку од еден месец по потрагата за нов работодавец.

По три месеци од почетокот на потрагата, 79 проценти од нив наоѓаат работа. Бројот на компании кои отпуштаат не е занемарлив, но бројот на оние кои натаму бараат нови вработени е поголем од оние кои отпуштаат.

Тие и натаму се најбараните работници со најбарани вештини, ја објаснила Џулија Полак од „ZipRecruiter“ причината на големата побарувачка за работници во технолошкиот сектор. Освен нив, работа брзо наоѓаат и вработените во индустриите за забава, транспорт и достава, па на американскиот пазар денес се отворени повеќе од 10 милиони работни места, што е помалку во однос на претходните периоди, но тие бројки покажуваат дека побарувачката за работна сила и натаму е многу голема.

Само пет проценти од вработените од технолошката индустрија кои пронашле работа меѓу април и октомври оваа година, минале повеќе од половина година потрага по ново работно место, што е голем пад во однос на 26-те проценти од периодот од август минатата година до февруари оваа година.